Процесите во „армасаната држава“ ги води ДУИ, а СДСМ е само „куртон“ за заштита на нивните политики. Затоа и придавката „македонски“ единствено слободно и без срамење остана да се употребува само пред зборовите криминал, корупција и манипулација
Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ
Актуелната европска супершампионска лига на нефункционални држави ја сочинуваат Украина, Босна и Херцеговина, Косово и Македонија. Заеднички именител за „првата четворка“ неуспешни и неуредени марионети на евроатлантските интереси е нивното „функционирање во лер“.
Работите станаа толку врвка, што „Нашата земја“, согласно Рамковниот договор, изготвува „балансер“ за вработување по етничка припадност. До таму забега работата, што дури и како членка на НАТО алијансата, ексклузивно, преку штабови на политички партии упатува повици за вработување на професионални „северноатлантски војници“ по партиски клуч.
Согласно договорот за распределба на „пленот“ меѓу „државотворните врховисти“, СДСМ и константните властољубиви „интегративци“ ДУИ, Министерството за информатичко општество и администрација изготви програма за вработување во јавниот сектор за следната година.
Со него, наместо мерит-систем на квалификации, знаење и компетентност, преку етнотрибалистички штелувања на бројки вклучува сѐ живо и диво во вдомување партиски членови по етничка припадност.
„МЕРИ ИМ ГО УМОТ“
Згора на ова, предвидува и вработувања на лица кои фактички живеат и работат во странство, но формално фигурираат како невработени во Македонија. Ненормалноста на етноинженерингот неминовно резултира со вештачко зголемување на бројот на населението со државјанство на РСМ, со или без коси црти.
Предложениот балансер предвидува вработување во администрацијата на 31,5 отсто Албанци. До процентот се дошло со собирање баби и жаби, односно со 24,3 отсто Албанци што живеат во Македонија и 5,2 отсто во дијаспората.
Згора на тоа, додадени се уште 2 отсто Албанци, кои, според слободното уверување на министерот, биле дел од оние 7,2 отсто што го бојкотираа минатогодишниот попис на населението. Патем, во дијаспората беа попишани 66,36 отсто Албанци и само 24,45 отсто Македонци.
Навестениот балансер значи дека секој трет вработен во јавната администрација треба да биде Албанец. Етноинженерингот воопшто не одговара на фактичката состојба, бидејќи до денес во Македонија се издадени вкупно 2.465.000 државјанства.
Од нив, 1.883.612 или 72,66 отсто на Македонци, 375.601 или 16,7 отсто Албанци, 77.959 или 3,85 отсто Турци, 53.879 или 2,66 отсто Роми, 35.939 или 1,78 отсто Срби, 17.018 или 0,84 отсто Бошњаци, 9695 или 1,03 отсто Власи и 20.993 или 1,03 отсто останати. Од вкупниот број македонски државјани, право на глас имаат 1.814.644 граѓани.
Меѓутоа, според ланскиот фингиран попис, освен резидентните граѓани во државата, се вршеше попис и на македонски државјани што живеат и работат во странство. Инженерингот „Мери им го умот“ изброи 58,44 отсто Македонци, 24,3 отсто Албанци, 3,86 отсто Турци, 2,53 отсто Роми, 1,3 отсто Срби, 0,87 отсто Бошњаци и 0,47 отсто Власи.
СИСТЕМАТСКИ РУШВЕТ
Нелогично, ненормално, налудничаво. Ама само на прв поглед. Процесите во „армасаната држава“ ги води ДУИ, а СДСМ е само „куртон“ за заштита на нивните политики. Затоа и придавката „македонски“ единствено слободно и без срамење остана да се употребува само пред зборовите криминал, корупција и манипулација.
Феноменот на ваков вид мобилизација може да биде латентен или манифестиционен во функција на етничка афирмација, но секогаш со крајна цел да се создава свест за хомогенизација. Во случајов, мобилизатор е декларираната „зелена“ ДУИ. Нејзиниот инженеринг „Етнобалансер“ претставува фамилијарна професија, слична на мафијашките фамилии.
Промовираната флоскула „Едно општество за сите“ мутираше во политика на манипулативна и до злобога неправеден инженеринг наречен „соодветна и правична застапеност“, кој беше промовиран со Рамковниот договор, по две децении резултираше со мафијашки систем на поделба на плен.
Затоа постојат измислена функција заменик на премиерот задолжен за политика за добро владеење и Министерство за политички систем со околу 1.500 „рамковни“ џабелебароши, како и околу 1.350 институции со 135.000 вработени.
На дуњава нема таквa државa. Метафорично, Македонија е котел во кој никој ништо не става, а сите се грабаат за црпалката. Држава, чиј вредносен систем се сведува на филозофијата поисплатливо е да се прекршуваат законите, отколку да се почитуваат.
Клучни фактори се распределбата на „пленот“, системскиот рушвет и патолошката лага. Со нив се одржува меѓуетничката стабилност, власта на статус кво клановите СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ и обезличената модус вивенди држава, еуфемистички наречена „Нашата земја“.