Пред некој ден, неочекуваната масовност на студентските протести разгали многу души, предизвика насмевки на многу луѓе, развиори знаме на надежта во Македонија. За жал, жолтата жичка која тлее во медиумите, апсолутно непотребно етикетира една од предводниците на протестите дека е во пријателска врска со некој син. Чуму ваква глупост? До кога етикетирањето и генерализирањето ќе вирее кај нас. Не сакаме ЕУ да нѐ цени по моделот „регата“ туку бараме (баравме кога ЕУ беше цел на Владата) индивидуален пристап (кој како ќе сработи наспроти регионалниот напредок), ама дома сакаме во еден кош сите да ги ставиме.
Некој не смее да мисли со своја глава зошто „е на некој“. Мора да се припаѓа на колективитет. Ако кажеш нешто свое, веднаш те поврзуваат со некого. Долго време се борам против тоа, да бидам искрен неуспешно. Ниту сите новинари се Миленко, ниту сите пратеници се Амди Бајрам. Зошто не ја цениме личноста и индивидуалните квалитети туку секогаш се бара припадноста, врската?
Глупавата теза дека една од лидерите на протестите е пријателка на син на еден, има за цел да ги потцени протестите и дефокусира од сосема логичните барања на студентите. Секако, министерот Адеми во тоа не виде логика туку политика и „тресна зелена“, демек оставка можеле да му бараат само политичките партии. Кажа и падна на екстерно за министер. Но, џабе доби единица кога тој како омилен министер на премиерот Груевски ќе продолжи да ја спроведува политиката на ВМРО-ДПМНЕ во образованието.
Денес, ако размислуваш индивидуално, но различно од колективитетот, без разлика што со предлогот посакуваш да придонесеш за добро на државата или пак партијата, спаѓаш во група грчки платеници, соросоиди, бранковисти. На индивидуалните знаења и искуства, ти испраќаат колективни пцовки и навреди, вистината е една и ја кажува еден. Денес, ако тренерот размислува кошаркарски, а не политички, добива срамен отказ од градоначалникот, денес дури колективитетот ни ги одбира музичките хитови, друг се грижи за сите нас. Денес ќе ви ја сликаат куќата и колите, ќе ве избришат од монографијата ако мислите и зборувате различно од вкусот на колективниот ум. Денес, индивидуалците се на маргините, без разлика на која страна се.
Слично и координаторот на ПГ на ВМРО-ДПМНЕ во своја колумна пишува за наводниот успех на еден колектив, пратеничката група. И фалејќи се, зборува за некаква разлика. А таму, сѐ е ставено под еден чадор, еден ум. Единствено различни се прстите на зелените копчиња. Како успех се претставува молкот на колективот, но дали е тоа Парламент? Па, тој ист колектив ги донесе сите катастрофални реформи во образованието. Како? На ист начин, без збор, само со гласање. Колективниот ум тогаш не слушаше дека факултет во секое местенце ќе донесе победа на квантитетот врз квалитетот, не сакаше да чуе дека екстерното тестирање служи во нормалните држави за откривање на слаби точки, а не казнување партиски некомпатибилни личности.
Денес колективитетот не слуша какви пораки испраќаат студентите од улица, не слуша зошто на телевизиските програми што мора да ги гледаат не се ни појави дека имало илјадници незадоволни студенти, обединети околу индексот наспроти партиската книшка, обединети против мувлата во студентските домови наспроти лажните ветувања. За каков успех на ПГ зборува координаторот Димовски кога колективно се молчи, на пример, за вистината за пензиите, односно како не се најде еден вреден пратеник кој ќе прашаше: „Зошто секоја година се зголемува дотурот на пари од буџетот кон Фондот, а толку нови вработувања имаме?“
Или пак можеби поедноставно прашање:„Нели е подобро пензијата да се усогласува со растот на трошоците на живот, а не линеарно?“, а за тоа и не мора да се мачи да чита закони, доволно е само да праша дома или да отиде на пазар и провери колку побрзо растат цените на основните намирници, отколку пензијата? Зошто ни се продава како успех молкот за предлогот на СДСМ и социјалната помош да се усогласува со трошоците на живот ? Тоа нема ли малку повеќе да придонесе за повеќе среќни семејства?
Успех ли е ако колективитетот пресликан во еден ум, молчи за Субрата Рој? Ќе ги избрише ли колективниот молк сликите кога пратениците од власта трчаа да се сликаат со него во златниот кич театар и скришно се насмевнуваа кога го слушаа дека треба повеќе да имаат секс? Ќе молчат и кога со ребаланс од некое училиште ќе ги префрлуваат парите за нов споменик на плоштадот или окупирањето на Свети Наум? Зарем една демократска држава заслужува парламент во кој пратеникот од Свети Николе, на пример, одеднаш не покажува трактори на говорница, не се фали со илјадници крави кои чекаат на граница? Каде е одговорноста кон гласачите?
Само во парламент со колективен ум може да остане да виси во воздух тезата на Николоски дека власта има понуда од Русија и никој да не праша за таа „понуда“. Сепак сериозноста на таа изјава (а и на многу други) можеме да ја цениме и од инает оваа „финансиска анализа“ и неговите 100 евра како единица мерка за подобро живеење во Македонија отколку Германија.
„Се гордеат“ ли со успехот парламентарките кои се дел од колективитетот со постојаните скратувања на правата на жената во Македонија? Се запрашаа ли колку млади девојки и жени не ќе можат да се вработат заради одредбата што колективно ја поддржаа за исплата на породилното од страна на газдите, а не од Фондот? Зарем нема ниту еден пратеник кој не добил прашање од изборната единица како газдите ќе ги плаќаат и боледувањата кога државата им должи претходно за сработеното?
Колективниот пристап сака сите да ги направи исти, и тој што мисли на попустите во ГТЦ и тој што чита закони. Колективниот ум сака да ги изедначи и оние што пишуваат амандмани со оние што читаат напишани реплики. Колективниот пристап во голема мера поттикнат од власта, особено премиерот Груевски, го направи парламентот институција која не служи за ништо освен за згрижување на 120, пардон 123 граѓани, институција во која е поважно колку брзо се притиска, а не колку се дебатира.
Затоа во почитување на индивидуализмот е разликата, а не во празната демагогија на колективитетите!