Етичкиот дел е подеднакво важен, рече Заев за учеството на фирма на Анѓушев на државен тендер

by fokus

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, одби да одговори дали ќе се повлече од сопствеништвото на фирмата „Фероинвест“ која учествува на државен тендер на компанијата ЕЛЕМ.

-Стојам тука исправен пред вас и јавноста да ги разјаснам политиките на Владата. Фирмите имаат управители и менаџери и јас искрено немам време да комуницирам со нив. Ви порачувам на вас да се обратите – одговори Анѓушев на новинарско прашање.

На денешната прес конференција за економските мерки на Владата, повикан да одговори се најде премиерот Зоран Заев, кој порача дека треба да се испочитуваат законите, но и етичките принципи.

-Важно ми е учеството на Анѓушев во Владата, но важно е тие компании да продолжат да функционираат и вработените да добиваат плати – рече Заев.

Додаде дека Владата ќе изгради критериуми за се повеќе компании да се здобијат со правото да учествуваат на државните тендери.

-Тоа е актуелна тема и јас ви порачувам да го следите процесот. Постојат закони кои верувам дека нема да бидат прекршени, но тоа не е доволно. Етичкиот дел е исто така важен. Не можеме да очекуваме дека луѓе кои се избрани како претставници од коморите ќе ги пуштат да пропаднат своите компании. Особено оваа е 90 отсто извозно ориентирана. Но тоа не дава право да биде било што неетичко. Мора се да биде транспарентно и отворено до крај – посочи тој.

Заев одговори и на новинарско прашање во врска со центарот за медиуми во Владата каде се одржа прес конференцијата. Луксузната сала, рече, е изградена од претходната власт и дека новата Владата ќе ги употребува сите изградени простори со пари на граѓаните, затоа што нивното рушење би чинело повеќе од изградбата.

Поврзани новости