Во изминатите неколку месеци голем број на музичари биле мета на арамии, најчесто во Скопје, и останале без своите инструменти, микрофони, па и пари. Еден од оштетените е зурлаџијата Џејљо Дестановски.
На Дестановски синоќа му бил украден куферот, во кој што се наоѓале неговата гајда, зурла и кавал. Вели дека настанот се случил околу 20 часот, пред МКЦ.
-Синоќа непознати лица ми го скршиле стаклото на автомобилот и го одзеле куферот со инструменти и торбата со кабли. На куферот е испишано моето име. Настанот го пријавив во полиција и многу сум вознемирен. Вредноста на инструментите е доста висока, но освен што се работи за скапи инструменти, јас сум доста емотивно врзан со нив. Зурлата на пример, ми е подарок од дедо ми, јас на неа научив да свирам, и таквите нешта се со непроценлива вредност –
раскажува музичарот, апелирајќи секој кој што има било каква информација поврзана со случајот, да пријави во полиција.
-Многу мои колеги беа жртви на крадци во изминатиот период. Но, ова мене не ми се случува прв пат. Пред неколку години ми ја ограбија колата на ист начин, го скршиле стаклото и зеле се од внатре, но за среќа тогаш немав инструменти во неа. После тоа, ми ја запалија колата… Лани, додека имав концерт со ,,Танец” во МНТ, иста случка, тогаш ми го украдоа синтисајзерот. Тогаш не бев многу вознемирен, но ова што се случи вчера, посебно поради тоа што овие инструменти ми се многу драги, но се и многу скапи, премногу ме потресе –тврди зурлаџијата.
Минатиот месец пак, на музичарот Киме Јакимовски му биле украдени два синтисајзери, од марките Роланд Г – 600 и Корг Па -600. Неговото возило било обиено во Аеродром, додека било паркирано пред влезната врата на салон на ,,Нептун”. Тогаш тој на социјалните мрежи нудеше награда од 500 евра за информација која ќе доведе до арамиите. Микрофони, синтисајзери, кларинети и други музички инструменти често биле мета на кражби изминатиот период, а пак музичарот Иво Илиев, познат како Далтон, пред неколку месеци останал без 15.000 евра, откако крадец влегол во неговиот стан, додека тој бил на настап, за време на викенд.
Музичарот тогаш изјави дека парите ги собирал за да купи стан, а арамите му ги одзеле од плакарот, во кој ги чувал. На социјалните мрежи наши пејачи и музичари изразуваат загриженост поради се почестите кражби. Апелираат да не се купуваат музички инструменти за кои постои сомневање дека се украдени, и сите сомнителни случаеви да се пријават во полиција.
-Ова е дело на некој кој добро ги познава музичките инструменти и ја знае нивната вредност. Исто така, пејачите кои често настапуваат и добиваат голем бакшиш, односно имаат кеш пари кај себе, да бидат внимателни и да не чуваат пари дома, туку во банка. Некој очигледно добро ја следи состојбата на естрадата и печали на ваков нечесен и криминален начин, на сметка на туѓата мака и труд – загрижени се музичарите.
Вики Клинчарова