Заев: Помирувањето почнува во парламентот, но треба да заврши во семејствата

by fokus

Премиерот Зоран Заев очекува да бидат запазени сите рокови за процесот за донесување на уставните амандмани, што се обврска согласно Договорот од Преспа.

-Деловничките рокови се јасно определени. Ако ние на 5 ноември на седница на Влада ги усвоиме нацрт амандманите  и ги пуштиме до Собранието, за 30 дена треба да се закаже седницата. Седницата ќе се закаже во рамки на 30 дена, согласно Деловникот, и ќе се отвори дебатата во Уставната комисија и во Законодавно правната комисија. Секако вака утврдените рокови се јасно прецизирани во Деловникот и во рамки на тие рокови се водат сите дискусии, па затоа и си дозволуваме да проектираме датуми за втората половина на јануари, рече Заев на новинарско прашање по обраќањето на симпозиум на тинк тенкови од Кина и земјите од Централна и Источна Европа.

Тој смета дека вчера имале квалитетен работен состанок со пратениците од новата пратеничка група на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, на кој добиле конкретни сугестии, што верува дека ќе бидат вградени во самите текстови.

-Ќе ги консултираме уште еднаш за тоа што сугерираат, да го видат преточено во текст, како тоа изгледа, и ако го дадат пасот продолжуваме со следните чекори, рече Заев.

Додаде дека за процесот со уставни измени е консултирана и грчката страна.

-Знаете дека е консултирана и грчката страна. Тоа не е обврска од Договорот, но во духот на партнерството и пријателството ред е да презентираме што македонскиот Парламент ќе одлучува во периодот што доаѓа, затоа што е тоа нацрт фаза и во текот на расправата по самите уставни амандмани може да се надополнуваат со амандмани. Значи, на јавната расправа и на конечната верзија на амандманите што ќе дојдат.  Верувам дека до петок ќе стигнеме со сите неопходни консултации, истакна премиерот Заев.

Рече дека е во редовна комуникација со грчкиот премиер Ципрас и оти двајцата не очекуваат пролонгирање на процесот, бидејќи, вели, ниту тие, ниту ние, имаме корист од тоа. Колку побрзо се завршат обврските во Парламентот кај нас и кај нив толку побрзо се остава простор за граѓаните да ги видат бенефитите од Договорот.

Тој изрази увереност дека во процесот на помирување ќе се приклучат сите пратеници од опозицијата, оти вели така е добро за Македонија.

– Бројката од 80 пратеници не се доволни, не затоа што Заев тоа го сака. Знааат и тие дека ова е историски момент за Македонија. Треба да се вградат, да ги донесеме заедно одлуките, и да ги засукаме ракавите да работиме на економијата, реформите за подобар живот на граѓаните, рече Заев.

Коментирајќи ја вчерашната изјава на вицепремиерот Османи дека дел од оние кои биле вклучени во настаните од 27 април можеби биле колатерална штета и оти не е исклучена можноста за нив да има амнестија, шефот на Владата подвлече дека се залага за процес на помирување.

-Секој може да има свој аспект, ние сме демократска влада. Јас го почитувам начинот на разгледување, на посветеност да се постигне конечната цел, а тоа е еден вид национално обединување-интеретничко и интраетничко што ни треба во Македонија. Јас зборувам за помирување, не зборувам за амнестија. Помирувањето, како процес, ќе го видите преку едно координативно тело во Собранието каде што ќе работи на севкупното сегашно помирување, но и перспективите што се отвораат пред Македонија. Како ќе се носат одлуките ние тоа ќе го соопштуваме во јавноста, но едно знам – настаните од 27 април се одлична можност да го изградиме тоа помирување. Има многу убави и демократски познати модалитети како тоа да се прави, но низ системот, низ ова координативно тело, треба токму тоа да го правиме. Тоа е само еден мал сегмент затоа што е добро што почнува од Парламентот како врв на демократијата и највисока институција во РМ за да може да го очекуваме и по вертикала надолу до општините, па дури до последната клетка на нашето опшетство, а тоа е семејството, рече Заев.

Поврзани новости