Со употреба само на дигиталниот потпис Естонија заштедува нешто повеќе од два процента од БДП, колку што е и уделот што земјата го троши на одбраната, со што оваа клучна услуга на дигиталното општество практична ја плаќа одбраната во Естонија, вели во интервју за МИА Лаури Табур, главен експерт на Естонскиот центар за меѓународен развој и поранешен ректор на Естонската академија за безбедносни науки.
-Тешко е да се каже колку средства од годишниот буџет се издвојува за ИКТ. Како што веќе реков, ИКТ не е нешто само за себе, таа ги поддржува услугите. Но имаме направено одредени проценки, на пример колку заштедуваме од една клучна услуга во дигиталното општество – дигиталниот потпис. Една пресметка од пред неколку години покажа дека естонското општество заштедува нешто повеќе од 2% од БДП само од користење на дигитални потписи наместо циркулација на хартија меѓу луѓето, бизнисите и владата. Со оглед на тоа дека 2 проценти е уделот што го трошиме на одбраната, може и да се каже дека дигиталниот потпис ја плаќа одбраната во Естонија, вели Табур на прашањето колку средства од буџетот издвојува годишно Естонија за ИКТ секторот и колкава е поддршката за ИКТ бизнис секторот.
Тој гледа голем потенцијал во Северна Македонија бидејќи има повеќе различни појдовни основи во дигиталното општество што се веќе достапни, како и паметна млада генерација која, вели, би сакала да ги има добрите услуги што ги искусиле низ светот. Со воведување на дигитална лична карта би било полесно да се направат следните чекори во дигитализацијата на нашето општество, вели естонскиот експерт, кој е дел од естонската делегација што ја посети земјава по повод почетокот на проектот насочен кон унапредување на дигитализацијата на Северна Македонија, што ќе се спроведува со финансиска поддршка од Естонија и САД.