АД ЕСМ ќе набави природен гас од „Макпетрол“ за топланите „Исток“ и „Запад“ за периодот од 1 до 15 ноември и за КОГЕЛ во подружница „Енергетика“ за периодот 1 до 30 ноември, информираат од компанијата.
– Со оглед на тоа што приватната гасна електрана ТЕ-ТО има обезбедено гас за својот режим на работа за ноември, за неа не е извршена набавка од АД ЕСМ. Фирмата ПГО извести дека не е во можност да почне да испорачува од 1 ноември, туку од 15 ноември, што дополнително ќе подлежи на нова понуда. Со овој понудувач ќе биде потребно да се комплетира и комуникацијата во однос на останатите документи кои се побаруваат пред склучување на договор, соопшти АД ЕСМ.
За понатамошниот период, се вели во соопштението, ќе се побараат нови понуди од заинтересираните фирми за снабдување, и тоа за топланите „Исток“ и „Запад“, за КОГЕЛ во „Енергетика“ и за евентуално ангажирање на приватната гасна електрана ТЕ-ТО од страна на АД ЕСМ.
– Набавката на природен гас за пократок временски период е направена од причина што се бележи пад на цените на природниот гас на берзите и очекувањата се дека ќе се обезбедат поповолни услови, пред се финансиски, доколку се набавува сукцесивно за последователни покуси периоди, велат од ЕСМ.