ЕСМ вели дека булдожерите на „Марковски Компани“ ќе работат по потреба, ВМРО бара ЈО да го испита милионскиот договор!

Станува збор за т.н. рамковна спогодба за ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во РЕК Битола, во чии рамки ќе се склучуваат договори во следните 18 месеци за изнајмување на индустриски возила со возач, чија вкупна вредност не смее да надмине 9 милиони евра.

by Фокус

Откако „Фокус“ пред 2 дена пишуваше за новиот тендер што го доби битолската „Марковски Компани“ од АД „ЕСМ“ за „ангажирање на помошна механизација за потребите на рударската оператива во РЕК Битола“ во вредност од 566 милиони денари или 9 милиони евра, денес на истата тема прес-конференција одржа опозициската ВМРО-ДПМНЕ, а реакција стаса и од државните електрани.

Како што веќе објавивме, се работи за т.н. рамковна спогодба, во чии рамки ќе се склучуваат договори во следните 18 месеци за изнајмување на индустриски возила со возач, чија вкупна вредност не смее да надмине 9 милиони евра. Но, минатото искуство покажува дека речиси сите договори од овој тип се исцрпуваат во скоро во целост.

„Марковски Компани“ склучи нов договор со ЕСМ, 12 булдожери ќе копаат во РЕК Битола за 9 милиони евра!

Во рамки на оваа тендерска постапка, конкурирала и скопската „Мис-Комерц“, која понудила цена од 15.000 денари по час, без вклучен ДДВ. Сепак, на крајот била избрана пониската понуда на битолската „Марковски Компани“ од 13.777 денари без ДДВ или 16.253 денари со вклучен ДДВ. Имено, оваа цена важи за еден час работа на ангажираните булдожери-гасеничари, од кои компанијата пријавила 10, плус 2 во резерва.

Во договорот меѓу двете страни се наведува дека избраниот економски оператор може да ангажира подизведувачи за дел од договорот, по претходно добиена согласност од страна на договорниот орган. Меѓутоа, за разлика од претходно, во овој договор не се наведени конкретни правни субјекти како подизведувачи.

МАТЕМАТИКАТА НА ВМРО

Денес, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски, го презентираше договорот кој во суштина е рамковна спогодба за, како што рече, ангажирање на 10 булдожери-гасеничари од „Марковски Компани“ кои треба да бидат ангажирани во РЕК Битола во период од 18 месеци по, според него, 16.253 денари по час.

Колку нови булдожери може да се купат со договор од 9,2 милиони евра и тие да бидат во сопственост на државата, а не на омилената приватна компанија? Дали можеби можат да се купат 15 или 20 булдожери кои ќе бидат во сопственост на државата, а не во сопственост на „Марковски Компани“? Кој поединец, кој граѓанин заработува по 16.253 денари за работа за само еден час или 6.300 евра дневно? – праша Николоски.

Тој додаде дека ваков договор треба да биде предмет на опсервација и на проверка од Јавното обвинителство и сите надлежни институции и воедно најави дека ако тоа не се направи во следните 4-5 месеци, тoa ќе биде направено после промената на власта.

Кој е интересот на власта од овој договор? Кои се скриените коруптивни намери во овој договор и кои се првенците од власта од СДС и ДУИ кои имаат дебела корист од овој договор? Дали е вистина или не, дека врвот на СДС директно ги договара тендерите во РЕК Битола? – дополнително праша Николоски.

РЕАКЦИЈА НА ЕСМ

Од АД „ЕСМ“, пак, експресно реагираа, истакнувајќи дека Николоски презентирал инсинуации, парцијални и паушални податоци. Како што соопштија од државната компанија за производство на струја, се работи за рамковна спогодба, така што услугата ќе се користи кога ќе биде неопходно, во „обем и со динамика која ќе биде неопходна за производствениот процес во комбинатот“.

Во став 4 од член 3 на Договорот за споменатата јавна набавка, јасно и недвосмислено е наведено дека обемот и времетраењето на услугите ги утврдува исклучиво договорниот орган – соодветните служби од РЕК Битола, зависно од неговите потреби.

Согласно член 4, точка 1 од Договорот, носителот на набавката ќе го врши фактурирањето врз основа на уредно воден градежен дневник и градежна книга/записник за извршени работни саати/количини, потпишани од овластени претставници на двете договорни страни и врз основа на времетраење на ефективен ангажман –  работа  на машината, регистрирано  на дневна основа со извештаи“, соопштија од ЕСМ.

Воедно, од таму потсетуваат дека за првпат после 2 децении, ЕСМ набави механизација за сопствени потреби токму последниве 3 години, кога со јавната набавка од 2021 година за 17,5 милиони евра беа набавени 36 парчиња, додека втората јавна набавка беше реализирана во 2022 година и чинеше над 10 милиони евра. Притоа, најавуваат нова набавка на сопствена механизација следната година.

КОЈА Е „МАРКОВСКИ КОМПАНИ“?

Инаку, неодамна објавивме дека „Марковски Компани“ го доби и тендерот за ископ на јаловина вреден 25 милиони евра со поддршка на, како што пишувавме, подизведувачи блиски до поранешниот премиер Зоран Заев, иако конкурентската „Пелистер“ понудила пониска цена. Но, оваа компанија била елиминирана во фазата на евалуација, бидејќи не го исполнувала условот за бараната опрема.

„Марковски Компани“ го доби милионскиот тендер за јаловина од ЕСМ со повисока понуда од елиминираниот „Пелистер“!

Долги години, „Пелистер“ на бизнисменот и поранешен битолски градоначалник Силјан Мицевски имаше плоден пазар во рудниците на РЕК Битола, меѓутоа со тек на времето доби сериозна конкуренција од „Марковски Компани“. Неделникот „Фокус“  веќе пишуваше за правните битки што ги водат „Пелистер“ и „Марковски Компани“ за богатите тендери на ЕСМ.

(АРХИВА): Како Пелистер и Марковски Компани „војуваат“ за богатите тендери на РЕК Битола?

Во однос на „Марковски Компани“, пак, пишувавме дека таа е во сопственост на Борче Марковскикој во 2016 година беше избран за почесен конзул на Белорусија во Македонија. По тој повод, се случи едно од ретките појавувања на Марковски во јавноста, кога порача дека ќе даде максимален придонес за зајакнување на билатералната соработка меѓу двете држави.

Која е фирмата што директно доби тендер од ЕСМ вреден 19 милиони евра?

Финансиските извештаи на друштвото покажуваат дека ланската 2022 година остварува приходи од 30 милиони евра, што е раст за 173 отсто во споредба со претходната 2021, додека лани добивката изнесувала 6,6 милиони евра, што пак претставува раст од цели 1.500 отсто во однос на 2011, кога добивката изнесувала помалку од половина милион евра.

Влатко Стојановски

Поврзани новости