Државната компанија ЕСМ се почесто купува струја од добавувачи во период кога на регионалната ХУПЕКС берза во Унгарија има големи ценовни отстапувања, а грејната сезона се уште не е почната.
За овој месец, од 1 до 15 октомври Електростопанство на Македонија купи 45.600 мегават часови енергија за што ќе потроши околу четири милиони евра ако се направи груба пресметка според просечната цена за „ден однапред“ на ХУПЕКС берзата.
На страницата на ЕСМ Продажба, може да се види дека за септември и половина од октомври ЕСМ вкупно за набавка на електрична енергија потрошиле речиси 10 милиони евра за многу краток период и набавка на големо количество струја, прво за 35.000 мегават/часови електрична енергија и потоа за 45.600 мегават/часови.
Според извештајот на МЕПСО, во текот на целата 2023 година Електрани на Македонија потрошиле само 12 милиони евеа за набавка на струја, но сега сумата најверојатно ќе биде надмината за тоа што до крајот на годината има уште два и пол месеци во кои ќе има зголемена потрошувачка на електрична енергија поради ниските температури.
Прогнозите на ХУПЕКС се дека цената во ноември и декември ќе се движи просечно околу 100 евра за мегават/час, додека пикот да достигне 135 евра.
ЕСМ досега купуваше струја во зимскиот период, кога цените беа многу поевтини и се движеа од помалку од 50 евра до околу 75 евра по мегават/час. Фирмата-ќерка на ЕСМ, ЕСМ Продажба купуваше струја и во летниот период, кога цените достигнаа и до 150 евра, но во мали количини.
ЕСМ се најде и на врвот на листата на загуби на министерството за финансии. Во вториот квартал годинава минусот во компанијата изнесува 27 милиони евра.
Цените на струјата во регионот веќе неколку месеци се значително повисоки отколку во Западна Европа. Романија најави дека заедно со Бугарија и Грција ќе побараат од Советот на ЕУ исплата на компензација поради „многу повисоките цени“ на електричната енергијата во регионот на Југоисточна Европа во споредба со оние во земјите од Западна Европа.
Пред две недели и Регулаторната комисија за енергетика и Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини од Македонија соопштија дека ја информирале Европската енергетска заедница (ЕЕЗ) дека во дел од земјите на Југоисточна Европа се регистрираат „нетипично високи цени на пазарот на електрична енергија“.
Во официјално писмо упатено до директорот на ЕЕЗ, Артур Лорковски двете македонски институции бараат да се мобилизира екипа која ќе направи детална анализа и ќе ги скенира причините поради кои постои голема нерамнотежа на цената на струја од земја до земја.
Орце Костов