ЕСМ купувал струја од 5 трговци, кој најмногу профитирал?

Од септември досега, капацитетите на АД ЕСМ произвеле над милион мегаватчасови електрична енергија, додека во истиот период од слободниот пазар набавена е вкупна количина од 132.244 мегаватчасови, најмногу од компанијата што се поврзува со албанскиот премиер Еди Рама, која претходно се јавува и како најголем купувач на вишоците.

by Фокус

Откако Владата прогласи енергетска криза на крајот на август годинава, односно од септември досега капацитетите на АД Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) произвеле над милион мегаватчасови електрична енергија, додека истовремено, за задоволување на домашните потреби, биле набавени над 132 илјади мегаватчасови од слободниот пазар.

Според податоците што ни ги доставија од АД ЕСМ (ЕЛЕМ), заклучно со 13-ти декември произведени се 1.052.000 мегаватчасови електрична енергија, а во истиот период имало вишок од 4.900 мегаватчасови, кои биле продадени по просечна цена од 314 евра по магаватчас. Купувачи на вишоците биле „ЕТМТ Енерџи“ и „Дуферко“.

Во овој период, од РЕК Битола беа произведени 645.865 мегаватчасови. Работеа Блок 1 и Блок 2. Надвор од функција беше Блок 1 во периодот од 19.09 до 16.10.2022 поради ремонт. Блок 3 целиот период беше надвор од функција поради дефект на блоктрансформаторот кој е во фаза на набавка“, стои во одговорот што го добивме од ЕСМ.

Што се однесува до втората термоелектраната – РЕК Осломеј, од таму велат дека од вкупно 104 дена, колку што изнесува целиот период од 01.09.2022 до 13.12.2022 година, комбинатот работел 52 дена и произвел 88.545 мегаватчасови. Во останатите 52 денови се извршувале ремонтни активности.

Во истиот период, од ЕСМ посочуваат дека набавена е електрична енергија од ТЕЦ Неготино во количина од 94.802 мегават часови по цена од 237 евра по мегаватчас, а од слободниот пазар преку ЕСМ Продажба набавена е вкупна количина од 132.244 мегаватчасови по цена од 296 евра. Притоа, овие количини се набавени од веќе споменатите „ЕТМТ“ и „Дуферко“, како и „Данске“, „ГЕНИ“ и „ЕФТ“.

НАЈГОЛЕМ КУПУВАЧ И ПРОДАВАЧ

Во однос на увозот на електрична енергија, во изминатиот период постојано реагираше опозицискиот лидер Христијан Мицкоски, кој неодамна истакна дека во периодот од 7-ми ноември до 18-ти декември годинава, односно за 41 ден потрошени биле над 39 милиони евра за увоз на струја.

Увезуваат затоа што немаат план, не знаат и „херојски“ делат авансни провизии. Трансформаторот кој требаше да биде инсталиран на 1-ви ноември за да проработи Битола 3 во РЕК Битола уште не е ни во Македонија. Доаѓа крајот на корумпираните политички измамници, доаѓа време за одговорност“, порача деновиве Мицкоски.

Притоа, тој во неколку наврати ја издвојува компанијата „ЕТМТ“, преку која е извршен последниот увоз на струја за периодот од 12-ти до 18-ти декември, кога од оваа компанија се набавени 5.950 мегаватчасови струја по цена од 418 евра по мегават чат, што значи дека вкупната вредност на набавката била 2,5 милиони евра.

Иста компанија, „херојски“ авансни провизии, многу криминал и корупција. Не треба истрага, не треба специјални тимови, криминалот е насекаде. Треба избори и нови луѓе да ги водат институциите“, наведе Мицкоски, алудирајќи токму на „ЕТМТ“.

Податоците објавени од „ЕСМ Продажба“ покажуваат дека ЕСМ најмногу струја купила од оваа компанија, која се сретнува буквално во секоја набавка, додека истата компанија претходно се јавуваше и како најголем купувач на вишокот струја.

МИЛИОНСКИ ПРОФИТ ПРЕКУ ПРЕПРОДАЖБА

Кога „ЕТМТ“ ги купуваше вишоците на ЕСМ пред неколку месеци, опозицијата реагираше дека државната компанија за производство на струја ги продава вишоци на електрична енергија на трговци за двојно пониска цена од берзанската, додека потоа трговците истата струја ја препродаваат за повисока цена.

„ЕТМТ Енерџи“ ја купува струјата по цена од 337 евра по мегават час, а ја продава по цена од 525 евра за мегаватчас на албанската државна енергетска компанија „КЕШ“. Разликата во цена, односно заработката што ја прави оваа фирма само од оваа зделка од 6 дена изнесува 10.800.000 денари – обвини Марија Митева од ВМРО-ДПМНЕ.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, пак, тврдеше дека вишоците на произведена електрична енергија што се јавуваат во текот на ноќта се продаваат транспарентно и по конкурентни цени, кои, како што нагласува, ги диктира берзата. Според него, манипулација е дека струјата се продава по двојно поевтина цена.

Кога има помал конзум од страна на потрошувачката на ЕВН Хоум, а кога се вклучени капацитетите РЕК Битола со два блока и ТЕЦ Неготино, се појавуваат ноќни вишоци. Оваа енергија ЕСМ мора да ја произведе затоа што се вклучени сите овие капацитети и нема техничка можноста да се намали или да се исклучат – објаснуваше Ковачевски.

Речиси истовремено, министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека увозна струја мора да се купува затоа што пресметките велат дека трошокот за ТЕЦ Неготино бил поголем. Според него, поисплатливо е да се купува струја од снабдувачи, отколку да работи термоелектраната.

МАРЖА ОД 50 МИЛИОНИ ЕВРА ЗА ТРГОВЦИТЕ

Според податоците од Централниот регистар, „ЕТМТ Енерџи“ е формирана лани во март како подружница на албанската компанија „Енер Траде ШПК“. Како управител на македонското друштво се јавува Фљамона Емини, која, како што покажува историјатот на промени, дошла на местото на Арбен Маргилај.

Официјалните информации од Регулаторната комисија за енергетика покажуваат дека компанијата лани на 27-ми мај добила лиценца за вршење на енергетска дејност – трговија со електрична енергија, со важност до 2031 година. Тоа се случува само 2 месеци по нејзиното основање.

Инаку, компанијата е поврзана со Артур Мицкај, кој е содружник во друштвото, но уште поинетересно, тој е директор на форумот на млади на социјалистичката партија на албанскиот премиер Еди Рама. Меѓу другото, во 2013 година Мицкај станува директор на Националната агенција за вработување, каде се задржал до 2018 година.

Во интервју за последниот број на неделникот „Фокус“, лидерот на ГРОМ и градоначалник на Карпош Стевчо Јакимовски, кој е и поранешен министер за економија, вели дека Владата требало да го укине слободниот пазар на електричната енергија, да ги тргне приватните оператори и единствен увозник да биде АД ЕСМ.

Ако увезуваме 500 милиони евра електрична енергија, 10 отсто се 50 милиони евра маржа. Со тие пари за две и пол години ќе ја направиме хидроцентралата Бошков мост, која чини 120 милиони евра. Подобро таа маржа да останеше во ЕЛЕМ, отколку да ги богатиме приватните оператори – истакнува Јакимовски.

Влатко Стојановски

Поврзани новости