АД ЕСМ на Техничкиот факултет во Битола им донира 10.000 евра за набавка на фотоволтаична централа, а на пет студенти од истиот факултет им додели стипендии.
Генералниот директор на АД ЕСМ Васко Ковачевски изјави дека фотоволтаичната централата ќе биде инсталирана во Техничкиот факултет, студентите ќе ја користат за наставниот процес, а факултетот произведената електрична енергија ќе ја користи за сопствени потреби.
-Со оваа одлука на Управниот одбор, АД ЕСМ продолжува со поддршката на факултетот, но и на пет нови студенти кои ќе добиваат стипендија по 60.000 денари. Истовремено АД ЕСМ ги продолжува стипендиите на осум стипендисти, што значи на Техничкиот факултет во Битола ќе бидат стипендирани 13 студенти за кои годишно компанијата ќе издвојува 800.000 денари, рече Ковачевски.
Инаку во моментов, АД ЕСМ на неколку факултети во државата стипендира 66 студенти за што компанијата инвестира повеќе од четири милиони денари на годишно ниво.
Јавна благодарност за одлуките на АД ЕСМ и континуираната соработка искажа деканот на факултетот Стојанче Нусев.
-Фотоволтаичната централа освен што ќе произведува електрична енергија ќе користи како лабараториска опрема за студентите кои студираат на електротехничкиот и машинскиот отсек. Од оваа година ќе почнеме и со обуки за оператори на фотоволтаични централи со што повеќе ќе се придонесува во производството на еко-енергија, истакна деканот Нусев и додаде дека доделените стипендии се мотивирачки бидејќи солидните студенти може да бидат корисници на стипендија.
Техничкиот факултет-Битола користи донирани фотоволтаични централи од МЕПСО и ЕВН и со донацијата од АД ЕСМ, сега има капацитет за производство на вкупна електрична енергија од 30 киловати која освен за потребите на факултетот ќе може да се продава и во државниот електронергетски систем.