АД ЕСМ достави понуда до Универзалниот снабдувач со електрична енергија ЕВН Хоум за задоволување на 100 отсто од планираните потреби за тарифните потрошувачи за првата половина на наредната година. Понудата што ја достави на петтиот тендер на ЕВН Хоум изнесува 41 евро за мегават час електрична енергија и е за 13,6 отсто повисока од понудата за периодот јули-декември 2021 година.
-ЕВН Хоме како Универзален снабдувач на електрична енергија, на денешните тендери за набавка на електрична енергија за задоволување на потребите на своите потрошувачи за периодот јануари-јуни 2022, доби понуда само од АД ЕСМ. АД ЕСМ и на двата тендери (за 60 проценти и 40 проценти од вкупните планирани потреби) преку електронски аукции му понуди на ЕВН Хоум како Универзален снабдувач купопродажна цена на електрична енергија од 41 евро за мегават час, потврдуваат д ЕВН Македонија.
АД ЕСМ како најповолен понудувач, додаваат, ќе ги покрие вкупните планирани потребни количини на електрична енергија за корисниците кои се снабдувани од страна на Универзалниот снабдувач за првата половина од 2022 година.
-Добиената купопродажна цена е за 13,6 отсто повисока од претходната која беше добиена на последниот тендер на Универзалниот снабдувач за набавка на електрична енергија за периодот јули-декември 2021 година, кога АД ЕСМ понуди купопродажна цена на електрична енергија од 36,1 евро за мегават час за вкупните планирани потреби на ЕВН Хоум како Универзален снабдувач, потенцираат од ЕВН Македонија