Во моментот на носење на одлуката за избор на најповолна понуда за набавка на природен гас за јануари 2023 година во постапката спроведена од страна на ЕСМ Продажба, цената понудена од Балкан Јутилитис од 115,97 евра за мегават час беше пониска од цената понудена од Макпетрол од 116,20 евра за мегават час, порачува АД ЕСМ.
-На коментарите во врска со намалената цена на природниот гас за јануари, би сакале да нотираме дека доколку Макпетрол во месец декември имаше сознанија дека цената за јануари ќе има тенденција на спуштање, требаше истите да ги пренасочи кон понудата и да даде понуда со пониска фиксна цена, која ЕСМ Продажба ќе можеше да ја земе предвид за разгледување заедно со другите понудувачи кои доставија фиксна цена, посочуваат од ЕСМ.
Како што нагласуваат, на јавниот повик за набавка на природен гас за периодот 01-31.01/2023 година и 01-30.04/2023 година спроведен во декември 2022 година од страна на ЕСМ Продажба беа наведени услови задолжителни за секој понудувач, а тоа се обезбедени количини, квалитет, фиксна цена и банкова/корпоративна гаранција.
-Фиксната цена е задолжителен услов од причина што ЕСМ Продажба треба да има обезбеден буџет, да може да ја прифати понудата, да има пресметка за плаќање на природниот гас којшто го плаќа однапред и истиот да го испорача до другите потрошувачи кои ќе го купат од ЕСМ продажба, со маржа не поголема од 1 отсто, велат од ЕСМ.
Истакнуваат дека ЕСМ Продажба во текот на јануари ќе спроведе јавен повик за набавка на природен гас за февруари 2023 година на кој ќе бидат поставени истите услови.
-Ги повикуваме сите лиценцирани фирми за трговија и снабдување со гас во земјата, но и од странство, вклучувајќи ги и Макпетрол и Пром-Гас да поднесат понуди кои ќе содржат што пониска фиксна цена, посочуваат од ЕСМ.