Се одложи судењето за „Талир“, Димовски наместо во судница, на собрание на НАТО

by fokus

Денеска во Кривичниот суд стартуваше судењето за случајот „Талир“, но набрзо рочиштето беше одложено бидејќи еден од обвинетите, пратеникот Илија Димовски, е на службен пат во Брисел, каде треба да присуствува на парламентарен состанок на генералното собрание на НАТО.

Поради неговото оправдано отсуство, рочиштето беше одложено за 7 март.

Во судница покрај обвинетите Миле Јанакиески, Кирил Божиновски,  и Леллко Тистовски, седеше и Игор Јанушев, генералниот секретар на ВМРО- ДПМНЕ, како претставник од партијата.

Обвинението за незаконското финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ е поднесено против екс премиерот Никола Груевски, и неговите доскорашни соработници Кирил Божиновски, Миле Јанакиевски, Илија Димовски, Леко Ристоски и Елизабета Чингаровска. Сепак на Чингаровска нема да и се суди, бидејќи таа неодамна доби двегодишна условна казна откако се спогоди со СЈО и призна вина.

Во конкретниот случај, според СЈО, на обвинетиот Никола Груевски му се става на товар дека во периодот од 2009 година до 2015 година со злоупотреба на службената положба, спротивно на Законот за финансирање на политички партии и Законот за спречување на корупција, обезбедувал финансии од анонимни и противправни извори на финансирање за политичката партија ВМРО-ДПМНЕ. Во овие свои активности бил помогнат од обвинетите Кирил Божиновски и Миле Јанакиевски кои во насока на обезбедување на средства за извршување на кривичното дело, вршеле притисок на претставници на правните лица кои имале склучено договори за јавни набавки со државни органи, јавни претпријатија или единици на локална самоуправа истите да обезбедат финансиски средства во готовина за потребите на финансирање на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ како против услуга за добиените јавни набавки и реализираниот профит.

Вака обезбедените финансиски средства во готовина, обвинетиот Никола Груевски не ги вратил на лицата од кои средствата доаѓале, односно не ги упатил во Буџетот на Република Македонија, како што имал обврска да стори согласно Законот за финансирање на политички партии, со што прибавил незаконски средства за финансирање на политичката партија ВМРО ДПМНЕ во износ од најмалку 283.432.656,00 денари, односно 4.608.661 евра. Со цел да се прикрие дека ваквите средства потекнувале од кривично дело, обвинетите Никола Груевски и Кирил Божиновски, а во периодот од 2011 до 2015 година и обвинетите Миле Јанакиевски и Елизабета Чингароска, организирале средствата да бидат уплатени на жиро сметката на политичката партија ВМРО-ДПМНЕ преку готовински уплати на ПП10 уплатници во кои биле внесени невистинити податоци дека уплатата ја вршат лицата наведени во уплатниците, иако тоа не било случај.

Поврзани новости