Заев за Шпигел: Од Грција единствено што сакаме да окупираме се плажите

by fokus

Не сакам ни да помислам дека нема да успееме да најдеме решение во спорот за името, вели македонскиот премиер Зоран Заев во интервју за германскиот магазин Дер Шпигел. Тој го отфрла предлогот за менување на името на државата со име кое нема да биде преведено, исто како и промена на Уставот.

„Не можам да препознаам разумни аргументи за такво нешто. Како тоа практично би изгледало, да не се преведува нашето име? Дали треба да ги натераме канцеларката Меркел или претседателот на САД, Доналд Трамп да не нарекуваат, на пример, Severna Makedonija? Таков пример нема никаде во светот. Ова име е нашата гордост и нашиот идентитет. Не гледам никаква причина за барањето, името да го менуваме во Уставот, тоа не е достоинствено. На Грција и потребен доверлив партнер, а не партнер без достоинство. Уставот може да се промени, но тие промени би можеле повторно да се изменат. Најважната гаранција за Грција е решението за спорот за името да биде одржливо. Тоа се прави со меѓународни договори, кои се ратификуваат и важат и во меѓународните организации“, вели Заев, пренесе „Дојче веле“.

По промената на името на автопатот и аеродромот во Скопје, Заев вели дека не се планираат натамошни слични гестови во таа насока, но најавува дека заеднички комисии од двете земји ќе ги преработуваат историските учебници.

Во однос на можните територијални претензии на кои предупредува Грција, Заев вели дека единствените претензии од Македонија се насочени кон грчките плажи.

„Да, ние сакаме налето да ги окупираме убавите грчки плажи и острови. Повеќе од еден милион Македонци секоја година патуваат во Грција, таму ги трошиме нашите пари, ја сакаме Грција, има многу контакти меѓу бизнисмени и туристи. Но искрено: немаме никакви други окупациски намери,“ посочува тој.

 

 

Поврзани новости