Премиерката на Романија, Виорика Дончила, посака успешен референдум за Договорот со Грција на денешната заедничка прес конференција со премиерот, Зоран Заев. По средбата Дончила го покани Заев и министрите на посета во Романија како би се продлабочиле билатералните односи меѓу двете земји.
На средбата било разговарано и за евроаталанскиот пат на Македонија, бидејќи Романија го презема претседателството со ЕУ од јануари 2019 година. Заев изјави дека месеците во кои Романија ќе претседава со ЕУ се клучни за Македонија.
-Продолжуваме со внатрешни реформи, го заокржуваме договорот со Грција, активно работиме на реформи во правосудството, очекуваме успешен референдум и уште една мудра зрела одлука на мнозинството наши граѓани. Големото мнозинство граѓани еднаш избраа демократија наместо режим и ни ја доделија честа како прогресивна Влада да ги направиме позитивните промени и да ја внесеме земјата во НАТО и ЕУ – рече Заев.
Премиерката Дончила посочи дека Македонија ја има поддршката од Романија.
– Се надевам дека ќе имаме консензус во Советот на Европа и дека до крајот на 2019 година ќе ги отворите првите точки за преговори. Ви посакувам голем успех со референдумот во септември оваа година, се надевам тоа ќе го разберат сите граѓани на Република Македонија – рече таа.