Еколозите побараа мораториум за сите објекти покрај Охридско езеро, градоначалникот не го разбира протестот

by fokus

Итно и доследно спроведување на препораката од Комисијата на УНЕСКО за прогласување мораториум за градба на охридското крајбрежје од страна на општина Охрид беше барањето што активисти на граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ и на здружението „Стар Лагадин“ денеска го побараа од локалната самоуправа.

Тие со транспаренти поставени пред општинската зграда, каде се одржуваше седница на Советот, одржаа мирен протест на кој ги изнесоа своите барања за целосна забрана на градење на крајбрежјето се додека не биде донесена соодветна планска документација, во согласност со стратегија за негов одржлив развој.

Нивна забелешка е дека локалната власт досега воопшто не се осврнала на задолжителната препорака бр. 6 од Извештајот на Реактивната мониторинг-мисија на УНЕСКО преточена во точка 7 од одлуката бр. 7B.34 усвоена на 41 седница на Центарот за светско наследство на УНЕСКО во Краков, Полска.

– Пораката од УНЕСКО беше да се прогласи мораториум за градење, се додека не се изготват планови за иден развој и градење согласно соодветна законска регулатива, односно додека не се донесат соодветни урбанистички планови, изјави Мирослав Котевски, претседател на Здруженеито „Стар Лагадин“.

Тој во име на учесниците на протестот потсети на нивното противење на спорниот Општ акт усвоен од општината во ноември 2015 година, со кој практично беше поништен урбанистичкиот план, што е нонсенс оттаму што се работи за документ со непосредливо помало значење од урбанистички план.

– Општиот акт е донесен во согласност со правилата и потребната процедура. Но, она што се занемарува е фактот дека општ акт не може да замени урбанистички план. Актот е донесен и сега инвеститорите согласно него си имаат право да си градат. Таму треба да се бара организираниот криминал и корупцијата во урбаниот градежен дел, истакна Котевски.

Трајче Талевски, активист на Граѓанската иницијатива „Охрид SOS“ од своја страна изрази загриженост поради незаинтересираноста на граѓаните на Охрид за тоа што и како се гради на крајбрежјето.

– Се носи урбанистички план за делот од поранешниот хотел „Парк“ до хотел „Славија“. Што ќе се гради таму, кој ќе гради, како ќе се гради, никој не е заинтересиран. Тоа е најлошото што му се случува на Охрид, граѓаните да не организираат за да се спречи уништувањето на крајбрежјето, истакна Талевски, потсетувајќи на градежната експанзија од изминатите години и проектите како „Плаошник“, плановите за градење на крајбрежјето.

Посочи дека ситуацијата е навистина сериозна и додаде оти тоа било причината за одржувањето на Надзорната расправа по однос забелешките на УНЕСКО во рамки на Комисијата за култура на Собранието на Република Македонија.

– Три дена се дискутираше за тие проблеми. Ние како „Охрид SOS“ имавме свое излагање при што беа изнесени сите забелешки по однос на она што се прави или што треба, а не се прави. Ние имаме Закон за Охрид што е во владеење што треба да е активен од 2011 година, седум години буквално ништо не е мрднато, рече Талевски, притоа забележувајќи дека сега ќе се прави измена на легислативата што воопшто не профункционирала.

Една од препораките на УНЕСКО е токму прогласување мораториум за градење се додека не се донесат сите правни акти што ќе ја регулираат градбата на крајбрежјето.

– Премиерот неодамна нагласи дека ќе има мораториум за мегаломански планови. Не, УНЕСКО вели мораториум за сите објекти додека не се донесат сите правни акти што ќе ја уредат легислативата и ќе го валоризираат крајбрежјето како светско природно наследство, нагласи Талевски, барајќи од власта на сите нивоа поодговорен однос кон Охрид и Охридското Езеро.

Градоначалникот на Охрид Јован Стојаноски истакна дека општината во овој миг е на иста линија со граѓаните кои протестираат, потврдувајќи го тоа со одлуката на локалната самоуправа за стопирање на градењето хотел во населбата Лагадин.

– Барем во овој момент ние немаме разидување со барањата содржани во нивното писмо до нас, заради тоа што со решение од 31 мај овој месец јас како градоначалник и Секторот за урбанизам се огласува ништовно одобрението за градба на хотел во Лагадин. Оттаму не ги разбирам причните за протест, рече Стојаноски.

За останатите барања на учесниците на протестот, конкретно по барањето за уривање на досега изградениот објект, Стојаноски рече дека општината не може да го третира објектот за бесправно изграден, односно да спроведе постапка за негово уривање се додека по предметот не се произнесе второстепена комија во Минситерството за транспорт и врски.

Во врска со барањето на учесниците на протестот за почитување на препораката за мораториум на градење од УНЕСКО, Стојаноски забележа дека општина Охрид одлука по неа не може да донесе парцијално, оттаму што крајбрежјето потпаѓа во уште две општини како Струга и Дебрца, а дел од надлежностите се и на ниво на државата.

– Потписник на документот со УНЕСКО е Владата, така што во овој момент би ги замолил граѓаните за рационални барања, односно да имаат разбирање за тоа кои и колкави се надлежностите на општината, рече Стојаноски. Нагласи дека прашањето веројатно ќе биде биде разгледувано на некоја од наредните седници на Советот.

Учесниците на денешниот протест најавија дека веќе во вторник ќе организираат многу поголем и поосмислен протест пред општината Охрид, со поворка од Лагадин до градот, со перформанс, се со цел да се привлече вниманието на јавноста за проблемот со неконтролираната урбанизација во градот и околната животна средина. Тие ги повикаа сите граѓани на Охрид да се вклучат во протестот за поголема масовност.

Поврзани новости