Заев е прв кој испловил од Македонија до Псарадес по 40 години

by fokus

Изминатите 40 години не сме виделе некој тука да дојде со брод од другата страна, велат локалните жители на Псарадес, откако македонската делегација предводена од премиерот Зоран Заев во неделата пристигна со брод во Нивици, на свеченото потпишување на договорот со Грција.

Малото рибарско место Псарадес останува изолирано зад границата. Најблискиот граничен премин со Македонија се уште е затворен.

Преминот Маркова нога – Герман не е во функција веќе половина век, затворен е во 1967 година, а грчкиот премиер Алексис Ципрас на првата средба со премиерот Зоран Заев по обновувањето на преговорите за името, во Давос во јануари, вети дека преминот ќе биде отворен.

Според репортажата на МИА поголемиот дел од жителите на Псарадес го поддржуваат договорот и сметаат дека со него работите ќе се придвижат, границите ќе се отворат и сето тоа го гледаат од економска гледна точка, поголеми можности за размена и соработка со другата страна.

Псарадес или на македонски Нивици е мирно рибарско местенце со околу 70 постојани жители. Тие сметаат дека е крајно време да се реши ова прашање, двата народа да живеат во слога, да се отворат можностите за зајакнување на соработката од секаков вид и пред се да се отворат вратите за поврзување на младите преку уметноста и културата.

– За четири пет години целата оваа фама што се крева околу договорот и кај вас и кај нас ќе спласне ќе се заборави. Работите ќе заживеат. Мора да се признаеме и афирмираме едни со други. Луѓето мора да живеат и да се посветат на суштинските работи, а политичарите и во едната и во другата земја треба да престанат да профитираат од овој спор, изјави Гркот Филипос.

Жителите во Нивици разбираат и говорат македонски. Екипата на МИА на некои од нив им се обрати на англиски, но тие преферираа да комуницираат на македонски јазик.

Себе си се сметаат за Грци и дел од грчката држава, а со дел од нив со кои поразговаравме сметаат дека по потпишувањето на договорот, ќе се тргне напнатоста меѓу двете земји и ќе се овозможи послободна комуникација меѓу нивните граѓани. Поголемиот дел од жителите се постари, а претежно се занимаваат со риболов и туризам.

Поврзани новости