Советникот за односи со јавност во Владата, Марјан Забрчанец, тврди дека е монтажа видеото кое се прошири на дел од порталите дека вчера на Мечкин Камен се скандирало „Северна, Северна“. Ова видео го објавија портали блиски до ВМРО-ДПМНЕ со објаснуваше дека скандираат членови на СДСМ.
Забрчанец вели дека станува збор за лажна вест.
„Дезинформаторите шират срамна монтажа во која лажат дека граѓаните наводно скандирале “Северна Северна” на Мечкин Камен.
Тоа е лажна, фејк, тажна продукција од нивните подрумски центри за манипулација. Тоа доаѓа од оние кои не можат да се помират дека во нашата земја доминира и победува концептот на заедништвото.
Денес во Крушево ечеше од зборовите Илинден, македонски, Македонија, заедно, иднина. Тие што беа на Мечкин Камен знаат дека денес граѓаните заедно ја пееја “Денес над Македонија се раѓа…”. Денес се скандираше за иднината, за Републиката, за химната, за македонскиот јазик.
Во Крушево ечеше паролата “Сите сме деца на Илинден!”, напиша Забрчанец на својот фејсбук профил.