Поради притисок 200/120 Јакимовски пренесен со Брза помош на Клиника

by fokus

Денешното рочиште за предметот „Таргет -Тврдина“ на СЈО мораше да биде одложено поради влошена здравствена состојба на второобвинетиот, Тони Јакимовски, поранешен шеф во кабинет на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков.

Откако заврши со своето испрашување на сведокот Звонко Костовски, Јакимовски се пожали дека му се лоши, поради што беше повикана Брза помош. Тој беше пренесен во Клинички центар, каде треба да го прегледа специјалист невролог. Обвинетиот имал притисок 200/120 и отежнато ја движел левата рака.

На самиот почеток на денешното рочиште Јакимовски, кој издржува казна затвор во Куманово, рече дека не му е добра здравствената состојба, односно имал висок притисок. Претседателката на судечкиот совет Џенета Бектовиќ го праша дали може да продолжи, тој рече ќе се потруди да биде сконцентриран и му постави прашање на Костовски за тоа кој ги користел пасвордите во системот „Најс“ и кој можел да креира нови лозинки или да ги користи “привилегиите”. Сведокот рече дека  “топ администратор” е еден и не може да постои друг. Тој го користел “топ администраторот” и Небојша Сајковиќ, кој ги имал сите привилегии во системот.
Во предметот „Таргет-Тврдина“ на СЈО се обвинети поранешниот началник на Петтата управа во МВР Горан Грујевски, Никола Бошкоски, поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска, поранешниот директорот на УБК Сашо Мијалков, Тони Јакимовски, Владимир Варелов од УБК и уште пет други лица од Управата.
Според обвинителниот акт, преку три системи за следење на комуникациите во УБК, во периодот од 2008 до 2015 година незаконски биле следени 4.286 телефонски броеви за кои воопшто не биле издадени судски наредби.
Комуникацијата била следена пред да бидат издадени и по завршување на траењето на важноста на судските наредби на 1.541 број или вкупно 5.827 телефонски броеви. Прислушувани биле над 20 илјади граѓани.

 

Поврзани новости