Војникот на АРМ против кој Министерството за одбрана отвори постапка затоа што бил во првите редови меѓу насилниците кои ја нападнаа владината делегација во Крушево, вели дека не бил дел од инцидентот. Богоевски има потекло од Корча и живее меѓу Албанци. За ТВ21 вели дека е небулозно да се обвинува дека е против Албанците.
-Живеам во мултиетничка средина, чудно нели, и ти си Албанец, сега со тебе не би требало да правам муабет. Македонец сум и потекнувам од Корча. Кога јас би пцуел би навредувал други националности, а Корча е во Албанија, тогаш би ја навредувал мојата фамилија – вели тој за ТВ21.
Тој вели дека бил во Крушево, но тврди дека не учествувал во инцидентите.
-Тешко е сега да исперам образ меѓу роднини, пријатели и колеги – вели Богоевски чие име беше објавено во соопштението на Министерството.
Министерството претходно информираше дека Богоевски е препознаен на видео снимка од инцидентот на прославата на празникот Илинден на Мечкин Камен во Крушево.
– Со цел да се добие увид во ситуацијата и во заднината на случувањата, професионалниот војник Богоевски е повикан на разговор и на распит во Воената полиција. Во текот на распитот војникот Богоевски, иако на видео-снимките се гледа како стои во првиот ред, негирал дека учествувал во инцидентот во кој беа нападнати вербално и со фрлање предмети високи официјални гости од странство, како и владината делегација која дојде на Мечкин Камен со цел да зеде учество во прославата на Илинден, соопшти МО.
Министерството за одбрана, се вели во соопштението, го осудува учеството на професионалниот војник Богоевски во инцидентот и укажуваме дека на припадниците на институција како што е АРМ не им е местото во групи кои користат насилство за остварување на политички цели и кои со напади врз високи странски официјални лица го нарушуваат угледот на АРМ и на Република Македонија.