Илјадници текстилни работнички од Бангладеш останаа без работа пред неколку години откако побараа поголеми плати, а дел од нив се соочија со полициски обвиненија за кражби и вандализам. Овој случај беше еден од низата во оваа земја каде работничките права се сериозно запоставени.
Отпуштањата следеа по протестите на илјадници работнички во главниот град Дака. Минималната плата во текстилната индустрија во Бангладеш е 96 долари или 5.488 денари. Синдикатите и работничките организации бараат минималната плата да биде 193 долари или 11.033 денари, но газдите на текстилните компании се противат. Тие се жалат дека се под огромен притисок да ги обезбедат цените што ги бараат глобалните брендови. Бангладеш има најголем извоз на текстил по Кина.
Оваа држава во Јужна Азија се спомнува како една од можните од кои ќе се увезува работна сила во Македонија, доколку би се либерализирал пазарот на трудот. Како што беше објавено деновиве, три македонски агенции за посредување веќе преговараат за увоз на работници од Бангладеш. Освен оваа земја, се споменува увоз и од Непал, Пакистан и Индонезија.
Во Индонезија минималната плата е 6.917 денари, во Непал e 7.203 денари, а во Пакистан 6.117 денари.
Со новото зголемување на минималната плата овие работници во земјава би заработувале три пати повеќе. Но дали е тоа решението на проблемот со дефицитот на работна сила во Македонија? Проблемот со иселувањето на квалитетен кадар во земјава не само што ќе остане, туку и ќе се продлабочи.
Освен тоа сериозен проблем претставува непочитувањето на работничките права во земјава. Ако домашните работници постојано се жалат дека се обесправени, како ли работодавачите ќе се однесуваат со странците.
Од невладината организација „Гласен текстилец“ со години наназад откриваат колку нехумано работодавачите ги третираат текстилните работници. Познато е дека некои фирми ги принудувале да враќаат на рака дел од исплатената плата, откако ќе се евидентира дека е исплатен законскиот минимум. Сведочевме на работници кои со години немале годишен одмор, работнички кои работат и на празници и преку викенди, кои работат прекувремено, без да им биде платено, кои добиваат откази ненајавено и незаконски, кои трпат мобинг и репресија. Освен тоа работничките услови се речиси секаде под стандардите.
Последно во оваа индустрија беше протестот на текстилни работнички пред судот во Кавадарци бидејќи и покрај тоа што не им биле исплатени заработените плати, судот пресуди во корист на работодавачите. Фирмата, пак, отворила нов погон откако ги отпуштила овие жени.
Сериозните проблеми во државава ќе останат или ќе се продлабочат доколку наместо да ги решава, Владата одлучи дефицитот на работна сила да го пополнува со увезени работници. Кристина Ампева од „Гласен текстилец“ вели дека доколку се одлучи Владата на тој чекор ќе направи од земјава Конго на Балканот.
-Македонскиот работник замина по светот оти му е преку глава да работи за минимални плати, во корупција и уништен систем. Крахирано здравство, образование, јавен сервис..Во држава каде партијата, тендерите, фамилијарните бизниси на политичарите и партиските вработувања се високо на агенда. Но не и обичниот човек, граѓанин. Сега увоз на работници од Филипини, Пакистан, Непал. Само не знам дали некој размисли дека нема инфраструктура, дека и тие се луѓе со потреби, дека нема да бидат нечии робови, дека некој ќе работи за 200 евра во земја со највисока инфлација во Европа и дека ќе се задоволни и среќни. Нова експлоатација на повидок, откако ги избркаа рабоспособните работници од Македонија по светот. Сега им требаат нови робови. Не се навикнати поинаку – вели Ампева.
Според неа, ова не е одржливо бидејќи стандардот во Бангладеш е многу понизок, трошоците за живот се далеку помали отколку во Македонија.
-Сместувањето како ќе го плаќаат, инфлацијата ја земале ли предвид, минималната е законска освен ако не бидат под агенциите за привремени и да имаме Конго на Балкан – смета таа.
Таа посочува дека постои и начин на овие работници да не им се исплаќа законскиот минимум доколку се плаќаат преку Агенции за привремени вработувања. Во тој случај ќе добиваат плата под минималец, со ПДД само 11 отсто и без придонеси.