Грант добила и печатница која печатела рекламни материјали на СДСМ, велат од ВМРО-ДПМНЕ

by fokus

Александар Семенпеев од СДСМ кој заедно со својот татко се сопственици на печатницата „Софија“ ДООЕЛ Богданци, доби грант од Фондот за иновации во вредност од 1.058.541 денари. Да потенцираме дека печатницата „Софија“ ДООЕЛ Богданци во повеќе наврати има печатено рекламни материјали за СДСМ, изјави денеска портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

Александар Семенпеев, како што рече тој, е советник на СДСМ во Општина Богданци.

„Дали можеби со овој грант се расчистуваат некои претходни изборни долгови од СДСМ кон печатницата? Нема крај на скандалозните имиња кои се поврзани со грантовите во вредност од 10.5 милиони евра доделени од Фондот за иновации. Зоран Заев застана во одбрана на неговите блиски соработници и партиски функционери кои добија грантови во вредност од 100 илјади евра од Фондот за иновации, пари на граѓаните. Кога станува збор за заташкување криминал Зоран Заев нема ниту срам ниту перде“, рече Арсовски.

Тој порача дека Јавното обвинителство не смее да фингира истрага туку мора, како што рече, сериозно да ги испита сомненијата за криминал со поделбата на грантови во вредност од 10,5 милиони евра.

„Секоја несериозност од страна на органите на прогонот ќе биде доказ дека тие се под сериозен притисок на власта за да го покријат овој огромен скандал кој што ја затресе јавноста. За жал гледаме дека на сите инволвирани не им фали влакно на главата. Сите се на функциите на кои што беа и може да ги покриваат трагите и да ги уништуваат доказите. Впрочем Заев застана зад нив и испрати сигнал каков исход очекува од истрагата. Надлежните во Јавното обвинителство треба да знаат дека намерните или ненамерни пропусти кои ќе бидат направени во истрагата, а кои може да придонесат за затварање на случајот без обвинение, ќе биде истражено, бидејќи нема граѓанин кој што не се сомнева дека криминалците ги добија своите 5 минути, а криминалот воопшто не се гони откако СДСМ е на власт“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Поврзани новости