Во пресрет на 2 Април – Светскиот ден на аутизмот вечер во 20:00 часот во сина боја ќе бидат осветлени зградите на Владата, на Археолошкиот музеј, на МОБ, објектите на општините Тетово, Битола и Охрид, во знак на солидарност со децата со аутизам.
Активноста е на иницијатива на Амбасададата на Република Бугарија во Скопје, а се спроведува заедно со НВО „Во моjот свет“ во соработка со Владата и со општините.
На 2 април, пак, на самиот светски ден на аутизмот деца од Бугарија, кои ќе учествуваат на фолклорниот фестивал во Охрид, на кејот покрај Охридско Езеро ќе пуштат сини балони во знак на солидарност со децата со аутизам.
Како што изјави во интервју за МИА бугарскиот амбасадор Ангел Ангелов, во рамки на ангажманите што ги прават како земја членка на ЕУ, ќе биде отворен и нов, втор центар за ран третман на деца со аутизам, кој ќе може да го посетуваат деца од западниот дел на државава.За овој проект се издвоени 102.000 евра
-Веќе се работи на реновирање на просториите на центарот, кој е сместен во Одделот за педијатрија во Општата болница во Охрид. Се надеваме дека до крајот на септември или октомври ќе почне со работа, рече Ангелов
Во соработка со НВО „Во мојот свет“ бугарската Амбасада го помогна отворањето на Дневен центар во Скопје во кој се згрижуваат, односно се работи со деца со аутизам во рана фаза, проект со вредност од над 100.000 евра.