Удриле во „голфот“, го опколиле и почнале да пукаат, МВР за вчерашниот настан во Маџари

by fokus

Во денешниот билтен на Министерството за внатрешни работи излегоа подетални информации за настанот кој се случи вчера на улицата „Благоја Стефковски“ каде имаше престрелка, на која и претходела сообраќајна несреќа.

Како што велат од МВР настанот се случил пред 11.00 часот. 48-годишниот Д.З. се движел по улицата „Перо Наков“ во возило марка „Фолксваген Голф“. Со него биле неговиот 50-годишен брат Б.З. и 28-годишниот внук С.З.

Во близина на приклучувањето на улица „Благоја Стефковски“, од споредната улица со голема брзина се движело друго патничко возило „Фолксваген Голф“ со скопски регистарски ознаки, и удрило во нив. Вториот „голф“ бил управуван од 39-годишниот А.И.

„Веднаш потоа, зад нив застанало патничко возило „Алфа Ромео“ со скопски регистарски ознаки, управувано од Б.И.(31) од село Сингелиќ, скопско, кој бил со уште едно лице. А.И. и Б.И. почнале да пукаат со пиштол кон возилото во кое биле Д.З., С.З. и Б.З., а потоа ги искршиле стаклата од возилото кое го управувал Д.З.. Со повреди се здобил Б.З., кој со возило на Итна медицинска помош бил пренесен во Градската општа болница „Св. Наум Охридски“, каде му била укажана лекарска помош“, информираа од полицијата.

Од таму додаваат дека по добивање на пријавата, полициски службеници веднаш излегле на местото на настанот.

„Во изјава пред полициските службеници С.З. кажал дека и тој пукал кон А.И. и Б.И. и бил приведен. По преземени мерки и активности бил пронајден и приведен и А.И.. Во 13.35 часот пријавено е дека и 13-годишниот син на повредениот Б.З.,, кој бил во возилото, бил пренесен во Градската општа болница „Св.Наум Охридски“, бидејќи се пожалил на повреди на главата. Се преземаат мерки за расчистување на настанот“, додаваат од таму.

Според неофицијални извори, пак, причина за престрелката биле нерасчистени семејни односи.

Поврзани новости