Францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние, на денешната конференција за евроатлански интеграции порача дека Македонија треба да има трепение на својот пат кон ЕУ. Тој ја пофали актуелната Влада за преземените реформи и го пофали премиерот, Зоран Заев, велејќи дека ги поседува карактеристиките на градители на Европа.
-Не велам дека европските интеграции се под закана, но треба да ги учиме лекциите од историјата. Мислев на господинот Заев и си велев дека навистина во себе го поседува целокупните карактеристики како и градителите на Европа, ја има силата, убедувањата и оптимизмот. Но и ние имаме работа. Стигнавме до некои ограничувања, кои се покажаа пред се со финансиската криза, ни престои голема работа особено во делот на одлуките што треба да ги донесеме. Франција знае дека не ќе успее без другите. Бараме од нашите пријатели малку трпение за да можеме да ве пречекаме во куќа која е стабилна и во која ќе имате заслужено место – рече Тимоние.
„Кога царството се шири се губи неговата ефикасност“, порача Тимоние додавајќи дека оптимизмот не треба да се изгуби.
-Мислам дека треба да им се даде голем кредит на властите за сето она што го направија. Но треба и трпение, се наоѓаме во свет кој се реорганизира. Да бидеме членка – да, но во што? Очекуваме многу од вас. Има многу работа кај вас иако во една година многу постигнавте, но претстои уште многу работа во културата за компросми, која може не е силна точка во оваа земја. Претстои работа за помирување која треба да се спроведе меѓу различните политички сили и различните заедници. Тоа е дел од европскиот и безбедносниот проект. Важно е да се има на ум дека постои интегративен аспект во ЕУ, но да излеземе од онаа констатација „интеграција или војна“,не му служи на никого, особено не за привлекување инвестиции – додаде тој.