Тевдовски: Даночна стапка од 18% за оние кои имаат приходи над 1000 евра

by fokus

Министерот за финансии, Драган Тевдовски, изјави дека планот на Владата е даночната стапка кај персоналецот да остане иста на 10 отсто, а да се зголеми на 18 отсто за онаа група на граѓани кои имаат највисоки приходи. Како што рече Тевдовски со повисоката стапка ќе се оданочуваат оние кои имаат нето приходи над 1000 евра. Приходи над тој праг, додаде, имаат само два проценти од луѓето, односно оние со највисок доход.

-Тоа е границата која треба да биде поставена за дополнитена стапка. Таа стапка сигурно нема да удри по средната класа. Луѓето кои имаат доход повисок од овој се приходи кој во голем дел не се од труд, туку од капитал – рече Тевдовски додавајќи дека станува збор за став на Министерството за финансии и дека како драфт верзија наскоро ќе биде објавено за јавноста да го каже своето мислење.

Тевдовски промената на даночната политика ја оправда посочувајќи дека приходната страна на буџетот е најмала во Македонија и во Косово од регионот. Тој додаде дека во Македонија има простор да се преземат мерки за приходната страна и потсети дека Албанија ја зголеми даночната стапка за 13% и 23%.

-Во Македонија имаме висока нееднаквост. Планот е со оваа блага и умерена реформа да го таргетираме тоа. Според сите учебници, даноците треба да постигнат баланс меѓу нееднаквостите – рече Тевдовски на денешниот панел „ Македонската економија помеѓу визија и дилема: Предизвици на економските политики“ во организација на Институтот Finance think.

Како што рече тој во план е праведното оданочување да стартува од 2019 година, но претходно ќе се спроведе сеопфатна анализа и јавна дебата за да се слушнат мислењата на јавноста.

М.В.

Поврзани новости