Судењето против обвинетиот Бобан Илиќ, кого Обвинителството го гони за убиство на четиригодишниот Алмир, повторно е одложено, откако адвокатот на семејството Алиу побара изземање на обвинителката, пренесе МИА.
По еден час расправа судијата соопшти дека Јавното обвинителство поради комплексноста на предметот не може да се произнесе за еден ден и наредното рочиште го закажа за 15-ти овој месец.
Адвокатот на второ, трето и четвртообвинетиот за насилство во овој случај, Асмир Алиспаиќ изјави дека по поминати 90 дена од последната одржана главна расправа, поднел барање за изземање на обвинителката во случајот, со цел, како што потенцира, предметот да добие правилен тек на повторната постапка и да се дојде до правилна фактичка состојба. Тој го обвини обвинителот за пристрасност во случајот и нагласи дека во писменото барање за измање доставено до обвинителството побарал да се постави нов обвинител.
– Со повторувањето на постапката, имено ова е предвидено согласно Законот за кривична постапка во делот каде што доколку изминат 90 дена распрвата почнува од почеток. Го следевте текот на настанот до завршните зборови до 01.11. 2017 година и видовте после тоа какви импликации во јавноста се создадоа околу евентуалната можност на кривичното дело за кое што се обвинува Бобан Илиќ, истото да биде евентуално преквалификувано – изјави Алиспаиќ.
Тој изрази надеж дека ова барање ќе биде уважено.
Обвинителката во Основното јавно обвинителство во телефонски разговор, наведе дека постапката во предметот се води по спроведена истрага и по преземени дејствија, во која не беа изготвени невропсхијатриско и сообраќајно вештачење до завршувањето на истрагата, но во текот на главната расправа тие се завршени, вештите лица непосредно, директно и вкрстено се испрашани и одлуката во предметот ќе биде донесена онака како што налага Законот за кривина постапка, поточно врз основа на доказите изведени на главната расправа. И во овој предмет, како и во секој друг ова Обвинителството, посочи обвинителката, одлуката ја носи врз основа на доказите изведени на главна расправа и примената на кривичниот законик.
Обвинителството го товари обвинетиот Илиќ дека на 25 јуни 2016 година го прегази четиригодишниот Алмир Алиу, по претходна банална вербална расправија со таткото на момчето во кумановскиот Здравствен дом. Осомничениот, се товари дека го прегазил четиригодишниот Алмир на улицата „Борис Кидрич“ . За истиот настан против три други лица, инаку, таткото на детето Седат Алиу, Сами Демири и Абдула Алиу е поднесено обвинение за сторено кривично дело „насилство“.