Со едноминутно молчење во чест на Столтенберг градските советници ја почнаа седницата

by fokus

Со едно минутно молчење членовите на Советот на Град Скопје, пред почетокот на седницата, одадоа почит на Торвалд Столтенберг, голем пријател и почесен граѓанин на Скопје. Норвешкиот политичар и дипломат почина на 13 јули на 87-годишна возраст.

– Би сакал, пред почетокот на денешната седница, да оддадеме почит, на неодамна починатиот, почесен граѓанин на Скопје, Торвалд Столтенберг, норвешки дипломат  и некогашен министер за надворешни работи и голем пријател на градот Скопје. Велат дека, после еден животен век, човек не се памети толку по името или статусот, колку по делата, по оставината. Навистина, Столтенберг, во градот Скопје зад себе остави многу вредни зданија, кои и ден-денес, не само што се обележја на едно т.н. постземјотресно време, туку се и зданија кои се парадигма за неговата хуманитарност и солидарност. Во меморијата на граѓаните на градот Скопје,  останува запаметен неговиот несебичен придонес во изградбата на монтажните куќи во населбата Тафталиџе, Детската болница за белодробни заболувања во Козле, како и по координацијата на хуманитарната помош од Норвешкиот Црвен крст, која се состоела од 2300 волнени кебиња, 80 кг. антибиотици, 250 пакети за трансфузија на крв и 5000 пакети прва помош. За сето она што тој го направил за овој град, Град Скопје, во иднина ќе ја има можноста да се оддолжи за неговиот несебичен влог со тоа што ќе предложи една од скопските улици да го носи името Торвалд Столтенберг – кажа градоначалникот Шилегов.

Торвалд Столтенберг има исклучителни заслуги за помошта што му ја овозможил на Скопје по катастрофалниот земјотрес во 1963 година. Тој ја координирал хуманитарната акција на Норвешкиот Црвен Крст наменета за Скопје во која за само еден ден по земјотресот, со транспортен авион во Скопје биле испратени  волнени ќебиња, антибиотици, пакети за трансфузија на крв, како и 5000 пакети за прва помош. Исто така, Столтенберг ја координирал изградбата на детската болница за белодробни заболувања.

 

За неговиот исклучителен придонес во обновата на Скопје, на 26 јули 2008 година, на одбележувањето на 45-годишнината од катастрофалниот земјотресот беше прогласен за почесен граѓанин на Скопје.

 

 

Поврзани новости