Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска, на новинарско прашање го дообјасни денеска говорoт на премиерот, Зоран Заев, кој на вчерашната собраниска седница понуди помирување со опозицијата и простување за настаните од 27 април, што дел од јавноста го сфати како понуда за амнестија.
На новинарско прашање што значи дека цената за таквото помирување може да биде и неговата политичка кариера, Шекеринска одговори:
-Правдата и помирувањето не се исклучиви туку се надополнуваат. Пораката која ја испрати премиерот беше во таа насока. На оваа држава и е неопходна правда, тоа го ветивме и тоа го работиме. Правната држава треба да функционира, но во исто време поделена држава не е држава која оди напред. Секој кој ќе го нападне другиот политички профитира. Покажавме во случајот со односот кон соседите и ситуацијата дома дека сакаме да водиме грижа за државата, а не партиските интереси. Партиски и лични интереси не треба да доминираат, премиерот беше многу јасен, влеговме во ова за да успее Македонија – рече Шекеринска.