Пратеникот и претседател на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, реагираше денеска во парламентот затоа што е 17 по ред на списокот на пратеници за поставување пратенички прашања.
Тој рече дека тоа е срамно и обвини дека некој се обидува да го спречи гласот на албанската опозиција.
-Секогаш албанската опозиција е на последните места. Зошто сум 17 по ред? Ова е цензура, ова се знаци на тоталитарни системи. Или сакате да го сокриете театарот од пред неколку дена или можеби се плашите да се соочите со опозицијата – рече Села.
Тој додаде дека последен пат пратениците од Алијанса за Албанците реагираат за ова и дека следниот пат ќе размислат да кренат врева, како што рече, за седницата на пратенички прашања да не се одржи.
-Села е значаен субјект кога треба да се дискутира за теми како уставни измени, кога ви требаат игри за наводно заеднички кандидат за претседател, а за пратенички прашања не ни овозможувате да поставиме – рече Села.
Пратеникот, Горан Мисовски, кој ја води денешната седница му возврати на Села дека држи политички говор и дека списокот се утврдува во координација со пратеничките групи.