Фото: МКД.мк
Кривично гонење на градоначалникот на Општина Сарај, Блерим Беџети, Владата да ги одземе градежните овластувања на Општината и донесување на предлог закон со кој кањонот Матка ќе се прогласи за заштитено подрачје, предлагаат членовите на Комисијата за спречување на корупција, а во врска со бесправно изградените платформи на Матка.
На денешната седница антикорупционерите едногласно се согласија да покренат иницијатива за кривично гонење на градоначалникот поради непостапување. Од таму велат дека ќе и препорачаат на Владата да го задолжи Минисерството за животна средина да изработи предлог Закон за прогласување на Кањонот Матка за споменик на природата.
Случајот стартуваше во медиумите откако беше објавено дека помеѓу карпите покрај езерото на Матка се градат диви платформи. Предметот заглави во институциите кои го одложуваа уривањето на овие дивоградби. Во меѓу време платформите беа изградени и почнаа да се користат како дел од кафуле.
Од ДКСК велат дека градоначалникот сноси кривична одговорност бидејќи не постапил по барањата за легализација поднесени од Амет Саити и Џемаил Саити. Нивните барања биле поднесени во февруари и во декември 2018 година.
При тоа Антиккорупциска се повикува на Законот за легализација кој предвидува дека платформа како времен објект не треба да биде предмет на легализација.
Државниот инспекторат за животна средина утврдил дека платформата нема водостопанска согласност и дека без таква согласност не може да се издаде одобрение за градба на објекти.
Освен тоа Инспекторатот упатил наредба до фирмата „Алма Примо“, која е сопственик на платформите, за нивно отстранување.
И покрај ова градоначалникот не постапил по барањата.
Да биде ситуацијата уште попарадоксална Управниот инспекторат утврдил дека барањата за легализација не се евидентирани во Уписник ниту во Деловодник, како основна евиденција за заведување на документите.
„Во Уписникот за евиденција на примени Барања за утврдување на правен статус на бесправно изградени објекти се заведени барањата од 02.01.2018 до 11.01.2018 година, потоа се истрошиле листовите и евиденцијата за сите примени барања не се води понатаму“, велат од Антикорупциска.
Од друга страна пак, записниците за констатираната состојба од март 2019 година ги изготвил инспектор кој немал соодветно образование.
„Записниците ги изготвил раководител на одделението за инспекциски надзор на општината кој не ги исполнува условите за овластен градежен инспектор бидејќи има висока стручна спрема машински инженер, што не е во огласност со актот за Ситематизација. Исто така записниците не се евидентирани“, велат од ДКСК.
М.В.