Во политичките кругови кружат шпекулации дека министерот за правда, Билен Саљији, избрал да си замине поднесувајќи оставка и на тој начин да ја избегне пролетната реконструкција во Владата, која ја најави премиерот, Зоран Заев. Според неофицијални извори Саљији неминовно ќе бил опфатен со реконструкција, затоа што Министерството за правда наиде на остри критики околу реформите во правосудството и Советот за реформи од кој претходно си заминаа истакнати експерти.
Според партиски извори за „Дојче веле“ министерот за правда избрал начин „славно“ да замине пред да биде реконструиран, но и политички да поентира пред протестите што за денеска ги најави граѓанската иницијатива „Правда за Алмир“.
Од таму се поставува прашањето дали неговата оставка е морален или крајно дволичен чин.
Според партиски извори, во заднината на наводниот морален чин на Саљији и обемната работа, вистинските мотиви не се толку возвишени. Неговото заминување се сметало за неопходно поради незадоволство од неговата работа во министерството. Ресорот правда бил планиран во претстојниот процес на кадровска реконструкција, така што министерот избрал начин сам „славно“ да замине, за да не биде реконструиран. А со избраниот тајминг имал за цел и дополнително политички да поентира пред протестите што за денеска ги најави граѓанската иницијатива „Правда за Алмир“, пренесува „Дојче веле“.