Пратеник во Советот на Европа кој ја советувал поранешната Влада вмешан во тешкиот корупциски скандал наречен „кавијар дипломатија“

by fokus

Меѓу имињата на поранешни и сегашни членови на Парламентарното собрание на Советот на Европа, кои се најдоа во новиот извештај за корупција кај парламентарниците, се најде и името на Роберт Валтер, кој до средината на 2017 година бил платен од Владата на Емил Димитриев да ги застапува интересите на Македонија. Независната истрага во Советот на Европа ги истражува обвинувањата за корупција во Парламентарното собрание и покажува постоење на мрежа која примала поткуп во облик на подароци, часовници, кавијар но и високи суми пари за да лобираат за интереси на определени држави.

Валтер со споменува во контекст на друга афера која изби во Македонија – изборот на Јован Илиевски за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

Како што и е познато на јавноста, Илиевски е баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Во октомври 2016 година тој доби 106 гласа од Парламентарното собрание за деветгодишен мандат во Стразбур и покрај тешката конкуренција. Пратениците на ЕУ го избраа Илиевски и покрај тоа што Комисијата претходно за нов судија во Стразбур ја предложи тогаш уставната судијка Наташа Габер Дамјановска. Габер –Дајмановска доби недоволни 86 гласа.

Аферата доби поголеми димензии откако во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат беше објавено дека лоби група во Советот на Европа го искористила своето влијание за ваквиот исход на гласањето. Внатрешната истрага потсетува на сомневањата.

„На 7-ми јули 2017-та, Истражното Тело доби од член на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) линк до програмата наречена „360 степени“ емитувана на 27-ми јуни 2017-та на Алсат-М, комерцијална телевизија со национална концесија во „Поранешната Југословенска Република Македонија“. Во телевизиската емисија било известено за консултантскиот договор  потпишан помеѓу господинот Валтер и македонската влада во октомври 2016 врз основа на кој г-дин Валтер добил 7.000 евра месечно за консултантска работа. Копија од договорот беше покажана во телевизиската емисија.

Наведено беше дека договорот бил потпишан после поволните известувања од страна на г-дин Валтер за ситуацијата во „Поранешната Југословенска Република Македонија“ додека тој сѐ уште бил член на ПССЕ. Во емисијата исто така беше прикажан и документ кој ги содржи активностите наводно преземени од г-дин Валтер. Во емисијата се тврдеше дека за неговите лобирачки активности, г-дин Валтер бил во контакт со македонската делегација во ПССЕ, која пак наводно одбила да даде коментар околу целата работа.

За време на сослушување пред Истражното Тело на 7-ми ноември 2017 година, г-дин Валтер потврди дека тој бил советник на премиерот на Поранешната Југословенска Република Македонија во период до средината на 2017. Тој објасни и дека, во согласност со правилата на Парламентарното Собрание, тој ја имал вратено значката на почесен член на ПССЕ уште од времето кога имал работено како консултант за таа земја или за Турција“, стои во извештајот.

Валтер го склучил договорот со Владата на Емил Димитриев еден ден откако Комисијата ја предложила Габер-Дамјановска за судија во Стразбур, односно три дена пред Собранието да го избере Илиевски.

Во извештајот до Владата, Валтер навел опис на услугите за кои бил платен и во еден дел стои дека ја советувал македонската делегација во Стразбур за изборот на судија во Европскиот суд за човекови права. Се поставува прашањето во што се состои неговото советување и колку е сериозна тезата дека тој лобирал меѓу парламентарнците на ЕУ при изборот на Јован Илиевски.

Вмешаноста на Валтер во „кавијар дипломатијата“ го поврзува и со лоби активности во врска со претседателските избори во Азербеџајн. Членови на парламентарното собрание и претставници на невладини организации изразиле сомнеж дека постои конфликт на интереси во тоа што Валтер бил избран за претседавач на ад хок комисијата во Азербејџан.

„Кавијар дипломатијата“ се однесува на мрежа поддржувачи кои ги формирал автократскиот режим во Азербејџан. Од парламентарците се барало да ги омекнат извештаите за изборите и состојбите со човековите права во земјата, а за возврат биле наградувани со скапи часовници и ќилими, престој во луксузни хотели, па дури и со кавијар.

Роберт Валтер е британски политичар од страна на Ториевците, односно британските конзервативци. Познат е по тоа што како парламентарец во Советот на Европа отворено застануваше во одбрана на автократските режими како оној во Азербејџан, но и оној на поранешната власт во Македонија.

М.В.

Поврзани новости