Полиција упаднала во домот на активистката Моника Ристеска, се плаши дека ќе биде уапсена но вели дека не се откажува

by fokus

Активистката Моника Ристева, која се залага за легализирање на канабисот за рекреативни цели, има повторно проблеми со полицијата. За „Фокус“ вели дека утринава полициски службеници упаднале во домот на нејзините родители и направиле претрес. Се плаши дека може да биде уапсена, но вели дека тоа нема да ја поколеба од нејзините активности за промовирање на канабисот.

-Ќе дадам се од себе тоа да не се случи. Тревата веќе не е дрога. Јас само со тоа се занимавам. Они си легализираа за набавни цели и они си произведуваат. Денеска полиција повторно била кај моите родители на адреса по лична карта. Правеле претрес. Тоа на секои две недели го прават. Имале налог да ме носат директно на суд – вели Моника која не живее на адресата на нејзините родители.

-Не знам по кој основ би упаднале дома. Немаат никакви докази. Пред две години ми упаднаа дома на роденден и ми најдоа само 25 грама. Втор пат ме уапсија кога пушев џоинт на улица и тоа беше неосновано затоа што можело да пушам што било и им падна во вода. На видео не може да осетиш дали е марихуана, тутун или камилица. Сакаат сите активисти да ги затворат за да нема кој да му помага на народов – додава таа.

Вели дека прогонот и се случува поради активностите во здружението за канабис и затоа што ја води веб страната со која се промовира употребата на канабисот и неговите лековите својства.

-Постојано добивам закани и ме следат. Но нема да престанам да правам масло од канабис за луѓето. Тоа го правам за бакшиш, само за да се покријат трошоците за материјалот – појаснува Моника.

 

Поврзани новости