Пајак на јавното претпријатие „Паркинзи на Општина Центар“ утринава откорна две бандери во близина на кружниот тек во Дебар Маало, при што биле откинати повеќе кабли. До хаваријата дошло додека пајакот подигнувал непрописно паркирано возило.
Повредени нема, но жителите во околните згради се жалат дека имаат прекин во интернет конекцијата и напојувањето со електрична енергија.
Од јавното претпријатие, пак, излегоа со реакција. Велат дека каблите биле прениски и не ја исполнувале нормата од најмалку 4,5 метри.
„Според записникот од извршениот увид на лице место од страна на овластените службени лица при Министерството за Внатрешни Работи на Р. Македонија и мерките земени во моментот на случката на ул. Наум Наумовски Борче (спроти кафулето Круг), се констатираше дека каблите кои што требале да бидат на висина од најмалку 4,5 метри според член 37 од Законот за јавните патишта, биле под прописот за над 80 сантиметри. Висината на пајак возилото со товар, според записникот, во тој момент била 3,7 метри при што е констатирано дека не ги поминува пропишаните норми за висина“, велат од ПОЦ.