Од Владата во Бугарија потврдија дека се откажани најавените средби на премиерот, Бојко Борисов, и министерката за надворешни работи, Екатерина Захариева, со претседателот на Македонија, Ѓорге Иванов.
Од прес службата на бугарската Влада посочуваат дека интеграцијата на Македонија во ЕУ и НАТО не смее да биде доведена под прашање.
„Не сакаме да се мешаме во внатрешните работи на нашата соседна држава. Нашата позиција е принципиелна и јасна, како и на целата меѓународна заедница. Јасен е и ставот на претседателот на Република Македонија. Бугарската влада не гледа смисла да се користи за внатрешните дебати во Скопје. За иднината и развојот на нашата соседна држава е клучна интеграцијата во ЕУ и НАТО и таа не треба да биде доведена во прашање“, соопштија од таму.
Како што пишуваат бугарските медиуми во меѓу време Захариева го известила претседателот Румен Радев за откажаните средби со Иванов.