Секторот за внатрешни работи Куманово до Основнотo јавно обвинителство Куманово поднесе кривична пријава против поранешниот градоначалник на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски, и уште две лица поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.
Алексовски, според полицијата, од позиција на градоначалник на општина Крива Паланка, во три наврати ја злоупотребил службената положба и овластување. Во првиот случај попречил вршење на инспекциски надзор на Комисија (избрaна со Одлука од градоначалник на општина Крива Паланка) за утврдување на одговорноста на вработена воспитувачка во Општинска јавна установа детска градинка (ОЈУДГ) „Детелинка“, по пријавен настан во Полициска станица Крива Паланка за извршено малтретирање на дете од страна на поранешниот директор на ОЈУДГ „Детелинка“ и постапил спротивно од Законот за заштита на децата на незаконски начин. Веднаш потоа, без објавување на јавен оглас и без одлука на управниот одбор на ОЈУДГ „Детелинка“ од Крива Паланка, со Решение ја разрешил поранешната директорка и на местото за вршител на должност директор ја назначил Л.В. иако знаел дека немала лиценца за директор и немала работно искуство за вршење на оваа одговорна функција.
Алексовски по втор пат ја злоупотребил службената положба кога по истекот на мандатот на Л.В. и овозможил со поминат рок на Решението да ја извршува функцијата уште два месеци, иако негова должност била три месеци пред истекот на мандатот да донесе Одлука за распишување на јавен оглас за избор на директор на ОЈУДГ „Детелинка“.
По трет пат ја злоупотребил службената положба, кога по Одлуката на Управен одбор по распишан Јавен оглас за избор на директор на ОЈУДГ „Детелинка“ од Крива Паланка била отфлена пријавата на Л.В. поради неисполнување на условите и наместо да го поништи Јавниот конкурс и не ја прифати одлуката на Управниот одбор повторно да биде избрана поранешна директорка поради прикривање на пријавениот настан за што и била разрешена, истиот повторно со Решение ја поставил за директор на градинката.
Второосомничената Л.З., претседател на Управен одбор во градинката, во два наврати ја злоупотребила службената положба и овластување, на начин што го прифатила Решението за избор на вршител на должност директор на ОЈУДГ „Детелинка“ од Крива Паланка донесено од страна на градоначалникот иако знаела дека Л.В. не ги исполнува условите, а по истекот на мандатот од шесет месеци воопшто не го известила Алексовски дека бил поминат рокот за вршител на должност на Л.В.
Таа и по втор пат ја злоупотребила службената положба кога повторно без објавен јавен оглас и без одлука на Управниот одбор го прифатила Решението со што на Л.В. и било овозможено и понатаму да ја извршува оваа функција без соодветни квалификации и без лиценца за положен испит за директор.
Л.В., вршител на должноста директор на ОЈУДГ „Детелинка“ од Крива Паланка во периодот од 22.12.2015 година се до нејзино разрешување на 04.08.2017 година, ја злоупотребила службената положба и овластување на начин што три месеци пред истекот на мандатот на 22.06.2016 година не го известила градоначалникот за денот на завршување на мандатот за да може да донесе одлука и Управниот одбор на градинката да распише јавен оглас за избор на директор. Л.В. ја извршувала оваа функција до 04.08.2017 кога со Решение била разрешена поради неисполнети услови за директор по објавен оглас за избор на директор. На тој начин таа се стекнала со противправна имотна корист од 508.100 денари.