Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) одлучи денеска да одржи итна дебата за извештајот на независни експерти околу наводите за корупција меѓу европратениците.
За сега е најавено дека пред Собранието ќе се обрати министерот за надворешни работи на Македонија, Никола Димитров, кој исто така ќе одговара и на прашања, стои на сајтот на Парламентарното собрание. Од Министерството за надворешни работи потврдуваат дека на агендата на Димитров е обраќање пред Собранието, но велат дека тоа не е поврзано со извештајот кој открива тешка корупција.
Итната седница е по повод извештајот кој открива мрежа на корупција меѓу европратениците. Скандалот го доби името „кавијар дипломатија“ од причина што пратениците примале поткуп во облик на високи суми на пари, сместување по хотели, часовници, разни подароци па дури и кавијар за да лобираат за интересите на определени земји.
Македонија е вмешана во случајот со поранешниот пратеник Роберт Валтер кој е еден од осомничените дека го прекршиле кодексот на однесување и примал мито.
Како што пишуваше вчера „Фокус“, Валтер со споменува во контекст на друга афера која изби во Македонија – изборот на Јован Илиевски за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур.
Како што и е познато на јавноста, Илиевски е баџанак на поранешниот шеф на УБК, Сашо Мијалков. Во октомври 2016 година тој доби 106 гласа од Парламентарното собрание за деветгодишен мандат во Стразбур и покрај тешката конкуренција. Пратениците на ЕУ го избраа Илиевски и покрај тоа што Комисијата претходно за нов судија во Стразбур ја предложи тогаш уставната судијка Наташа Габер Дамјановска. Габер –Дајмановска доби недоволни 86 гласа.
Аферата доби поголеми димензии откако во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат беше објавено дека лоби група во Советот на Европа го искористила своето влијание за ваквиот исход на гласањето. Внатрешната истрага потсетува на сомневањата.
„На 7-ми јули 2017-та, Истражното Тело доби од член на Парламентарното Собрание на Советот на Европа (ПССЕ) линк до програмата наречена „360 степени“ емитувана на 27-ми јуни 2017-та на Алсат-М, комерцијална телевизија со национална концесија во „Поранешната Југословенска Република Македонија“. Во телевизиската емисија било известено за консултантскиот договор потпишан помеѓу господинот Валтер и македонската влада во октомври 2016 врз основа на кој г-дин Валтер добил 7.000 евра месечно за консултантска работа. Копија од договорот беше покажана во телевизиската емисија.
Наведено беше дека договорот бил потпишан после поволните известувања од страна на г-дин Валтер за ситуацијата во „Поранешната Југословенска Република Македонија“ додека тој сѐ уште бил член на ПССЕ. Во емисијата исто така беше прикажан и документ кој ги содржи активностите наводно преземени од г-дин Валтер. Во емисијата се тврдеше дека за неговите лобирачки активности, г-дин Валтер бил во контакт со македонската делегација во ПССЕ, која пак наводно одбила да даде коментар околу целата работа.
За време на сослушување пред Истражното Тело на 7-ми ноември 2017 година, г-дин Валтер потврди дека тој бил советник на премиерот на Поранешната Југословенска Република Македонија во период до средината на 2017. Тој објасни и дека, во согласност со правилата на Парламентарното Собрание, тој ја имал вратено значката на почесен член на ПССЕ уште од времето кога имал работено како консултант за таа земја или за Турција“, стои во извештајот.
Повеќе може да прочитате во вчерашниот текст на „Фокус“.
М.В.