Нема да бегам, ќе останам тука и ќе и се смеам во лице на Фатиме Фетаи, рече осудениот Бедредин Ибраими

by fokus

Поранешниот член на ДИК, Бедредин Ибраими, кој денеска беше осуден на највисоката затворска казна во предметот „Титаник 2“ на СЈО, во висина од четири години и шест месеци, се обрати пред судот и рече дека не му било дозволено да изведе дел од доказите во своја одбрана во текот на постапката.

На барањето на обвинителката Фатиме Фетаи, да му биде одреден притвор, тој рече дека не планира да се вдаде во бегство.

-Немам потреба да бегам никаде, тука ќе останам и во лице ќе и се смеам затоа што ова не е правосилна пресуда. Не смее обвинителот спротивно на одредбите од Законот за кривична пастапка да го злоупотребува правото, да бара се што ќе и текне и да бара притвор за Бедредин Ибраими – рече тој.

Судијата Огнен Ставрев го прекина и рече „сега Бедредин Ибраими ќе седне“, а тој возврати.

-Кога го нарушив редот на судењето? Дали некогаш ме опоменавте, казнивте? Сум се бранел на законит начин, но од вас ова не сум го очекувал – додаде Ибраими и седна.

Судот се повлече да донесе одлука за барањата на Фетаи за мерки на претпазливост за осудените.

Поврзани новости