На скопскиот аеродром запленет кокаин, кој на црниот пазар би се продал за половина милион евра

by fokus

На Аеродромот Скопје во Скопје Царинската управа, во соработка со Министерството за внатрешни работи, спречи обид на криумчарење на наркотични дроги. Откриено е и запленето околу 2 кг кокаин.

„На 5.12.2018 година околу 20,30 часот со летот од Цирих, на влез во Република Македонија селектиран е детално прегледан патник државјанин на Република Венецуела. При прегледот, во неговиот багаж пронајдено е околу 2 кг бела прашкаста материја, која при проверка со тестер за дрога дала позитивен резултат за присуство на cocaine hydrochloride, што индицира дека непознатата растителна материја е наркотична дрога кокаин. По преземање на случајот од страна на инспекторите од Одделението за истраги при Царинската управа, а по наредба на јавен обвинител, непознатата прашкаста материја е доставена на вештачење со кое е утврдено дека станува збор за кокаин“, соопштија од Царинската управа.

Како што велат од таму вредноста на запленетата дрогата, на црниот пазар во Република Македонија, изнесува околу 140 000 евра, додека истата при продажбата на мало би била повеќекратно зголемена и би достигнала вредност околу 570 000 евра.

„Царинската управа на Република Македонија до надлежното Основно јавно обвинителство против осомничениот поднесе кривична пријава, заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело „Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанци и прекурзори“, додаваат од царината.

Поврзани новости