Бибер: Во услови на заробена држава активизмот оди тешко

by fokus

Демократизација на политичките процеси во Југоисточна Европа каде недостига демократска традиција преку поширока инклузија на мислењата и прашањата што ги загрижуваат граѓаните во политичкиот процес и соочување на теоријата со праксата во тие општества е целта на регионалниот проект Алтернативни демократски практики: Премостување на движењата и институциите“, што го спроведува фондацијата Фридрих Еберт.

На денешната тркалезна маса на Правниот факултет „Јустинијан Први“ организирана во рамки на проектот насловен „Grassroots движења или мобилизација ‘од горе’?“ Иван Стефановски (докторанд на Универзитетот Scuola Normale Superiore од Фиренца (Италија) истакна дека од земјите во регионот Македонија и „Шарената револуција“ кои започнаа кон крајот на 2012 година може да се посочат како пример каде граѓанскиот активизам предизвика промени благодарение на заедничката платформа на тогашната опозицијата со граѓанското општество.

-Мобилизацијата во Македонија не се одвиваше на секојдневна основа, но постоеше платформа креирана од опозициската политичка партија, со вклученост на повеќе од 70 граѓански организации и на многу индивидуи. Тоа создаде платформа за мобилизација, но исто така обезбеди ресурси кои ги немаа на располагање оние кои протестираа во другите земји и отвори простор за поголема интервенција од надвор. Исто така, важна е и улогата на меѓународната заедница која придонесе за успех на овие движења, рече Стефановски.

За Флоријан Бибер системот со особените форми на компетитивен авторитаризам кој го сведочиме во Западниот Балкан претставуваат посебен предизвик за граѓанскиот активизам и за напорите да се редемократизира кои се разликуват од конвенционалните авторитарни системи и движења во етаблираните демократии.

-Масивната социјална мобилизација, надворешната интервенција, градењето коалиции во Македонија минатата година покажаа дека регуларните избори не значат и демократски промени. Се покажа дека базичната претпоставка на демократијата дека со нормални избори може да се дојде до промена на власта не се оствари. Беше потребно повеќе, рече Бибер.

Според него, ова не се режими кои владеаат со страв, туку преку кризи кои продуцираат постојани изборни кампањи и несигурност, посочувајќи дека во Македонија од 2006 година не се одржале регуларни избори, а и исто и во Србија. Втор елемент е стабилитократија, каде режимите ја „купуват“ поддршката од меѓународната заедница, потоа високото ниво на политичка поларизација со која приврзуваат значаен дел од електоратот кон себе и секако „заробената држава“.

– Во услови на заробена држава активизмот оди тешко, бидејќи од другата страна секогаш ќе има критики дека сите крадат, сите ги вработуваат своите роднини, сите изнесуваат пари од држвата, па тогаш што е различно. Една од главните алки што недостига во политиката се функционални политички партии, кои ќе го артикулираат интересот на граѓаните. Наместо тоа видовме дека политичките партии станаа агенции за вработување и бизнис интереси, се нарекуваат народни партии, социјалдемократски, либерални, но тоа е само пакување главно за да надворешните актери за да добијат пари или поддршка. Видовме дека ЕПП поддржуваа автократски режими во регионот…, вели Бибер.

Поврзани новости