Веќе два месеци министерката фотелја во здравството е празна, а владината коалиција е се уште во преговори кој ќе го замени неврологот Арбен Таравари, кој беше избран за градоначалник на Гостивар. Според неофицијални извори партијата на Зијадин Села добила понуда да се откаже од секторот здравство, а во замена нејзин кадар да биде поставен на местото вицепремиер за реоформи, пишува Дојче Веле.
Доколку Алијансата ја прифати функцијата вицепремиер задолжен за реформи, тогаш СДСМ ќе предложи кандидат за министер за здравство. Но, финален договор се очекува во наредните денови, откако од странство ќе се врати лидерот на Алијансата, Зијадин Села, пишува порталот.
Се уште се празни три фотелји во Владата. Не е именуван нов министер без ресор откако Рамиз Мерко стана градоначаник на Струга, а празно е заменик-министерското место во ресорот образование, откако Висар Ганиу беше избран за градоначалник на општина Чаир.
Се претпоставува дека малата реконструкција на владата ќе опфати уште еден заменик министер, кој ќе биде сменет поради незадовослство од актуелниот.