Манчевски по говорот на Иванов: Не е достоен за функцијата што ја извршува

by fokus

Ѓорге Иванов не е достоен на функцијата што ја извршува. Тој денеска повторно се обиде да ја врати Македонија во изолација, каде што ја доведоа заедно со неговиот политички ментор Никола Груевски. Денеска Иванов се постави против стратешките интереси на Македонија, против ЕУ и НАТО, изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски по чествувањето на двата Илиндена на Мечкин Камен.

Тој му порача на Иванов убаво да го прочита Договорот со Грција и да види дека со него се загарантирани македонскиот јазик, македонската национална посебност и македонскиот идентитет.

– Ќе му порачам на Иванов да си ги прочита убаво, повторно, и Рацин и Прличев и сите кои денеска ги цитираше, кои никогаш како него не ширеле меѓунационална и меѓуверска омраза. Денеска Иванов повторно не успеа да се надмине во својата немоќ. Се стави против македонската иднина и против подобар живот, против повисоки плати и работни места. За среќа, ниту Иванов, ниту неговиот Груевски, нема да ја носат одлуката. Одлуката за подобар живот во Македонија ќе ја носат граѓаните, суверено и на референдум. Тие ќе кажат „да“ за македонската иднина, рече Манчевски.

Министерот апелира граѓаните што помасовно да излезат на референдумот, нарекувајќи го нов Илинден.

– Ќе зачекориме во нашата светла иднина, а изолацијата и политичарите од минатото, како Иванов и Груевски, ќе бидат заборавени, порача Манчевски.

Поврзани новости