Политичката партија Левица ќе организира протести во секоја наредна фаза од гласањето на уставните промени. Протестите ќе бидат антивладини, ќе се организираат пред Собранието и ќе бидат под мотото „Народна Самоодбрана“. Како што велат од таму, нивната цел ќе биде враќање на киднапираниот суверенитет на народот.
„Секојдневни радикални политички акции, во координација со сите засегнати политички чинители кои се против промена на уставното име, ќе бидат систематски преземани низ територијата на целата Република. Ги повикуваме сите прогресивни сили да ни се приклучат кон движењето, сè до конечната победа. Кога неправдата станува закон, Отпорот е наша должност!“, повикуваат од Левица.
Со повикот за масовен граѓански Отпор, од Левица имаат и три барања:
-Безусловно суспендирање на противуставната и илегална владина иницијатива за промена на Уставот на РМ и поништување на отфрлениот т.н. „Преспански договор“;
-Итно распуштање на парламентот и закажување на предвремени парламентарни избори;
-Формирање преодна техничка влада со ограничен мандат единствено за спроведување фер и демократски избори.