Ќе се набавуваат осум хеликоптери за транспорт и цивилна заштита

by Fokus

Министерството за одбрана ќе набавува нови повеќенаменски хеликоптери, најверојатно осум на број, кои ќе имаат првенствено транспортна улога, а не борбена, најави министерката Славјанка Петровска во гостувањето во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат. Стигнати се пет понуди од различни држави и компании, открива Петровска и додава дека во моментов се прави евалуација. Намерата е леталата што ќе се купат да бидат повеќенаменски и освен за одбраната, да можат да се користат и за цивилната заштита и спасување.

-Кога се правени плановите за трансформација на нашата армија, утврдено е дека согласно нашите цели на способности и НАТО-цели на способности, борбената компонента во делот на хеликоптерската единица нема веќе да биде во функција, а ќе се набавуваат транспортни хеликоптери кои првенствено ќе имаат задача да ги завршуваат потребите на армијата, но, се разбира, ќе бидат оспособени да извршуваат и други задачи кои се од поширок интерес за граѓаните – рече Петровска.

На прашање дали ќе се користат за борба, таа рече дека нема да им биде таа намената, бидејќи борбената хеликоптерска единица не е дел од формацијата.

Поврзани новости