Поранешниот пратеник, Љубомир Јосифовски, поднесе кандидатура за нов претседател на НСДП, вели дека досегашниот и иден лидер на партијата, Тито Петковски, ја злоупотребил својата позиција.
Тензично поминала денешната седница на Централниот одбор. Јосифовски се побунил откако членовите донеле одлука Петковски да биде единствен кандидат на Конгресот кој ќе се одржи на 13 мај. Петковски, вели тој, со притисок врз членовите издејствувал да донесат одлука која е спротивна на статутот на партијата.
-Имаше конфликт, не се согласував со тоа што тој ја злоупотреби позицијата како претседател. Согласно статутот на НСДП секој член има право да бира и да биде избран. Јас поднесав кандидатура пред еден месец и истата беше поздравена од Тито Петковски и од органите на партијата. Кога се соочи со реалноста дека не може да биде избран одлучи да направи радикален чекор и денеска да ги изманипулира членовите на Централниот одбор – вели Јосифовски за „Фокус“.
Тој додава дека Петковски ја злоупотребил својата позиција така што на Централниот одбор му ставил одлука за гласање во која само тој се предлага сам себе за единствен кандидат. Својот чекор го објаснил велејќи дека бил предложен од сите општински организации.
-Прекршен е статутот затоа што Централниот одбор нема право да бираат дали ќе има еден или повеќе кандидати, тоа право го има Конгресот – вели Јосифовски кој често можеше да се види во првите борбени редови на протестите против власта на ВМРО-ДПМНЕ.
Тито Петковски е на чело на НСДП откако партијата е формирана пред 13 години. Јосифовски вели дека ги мотивирал помладите да се кандидираат, но дека во првиот момент кога се појавил ривал, тој се исплашил.
-Во случајов голем дел од членството се изложени на притисок. Тоа што го направи е нон сенс, го девалвира својот политички интегритет. Длабоко ме разочара и покажа дека нема чувството за демократија – вели тој.