Исмајловска-Старова: За да гласаме многу е битно да стои дека Договорот ќе биде ништовен доколку Грција не го исполни во целост

by fokus

Независната пратеничка Елизабета Канческа Милевска, на денешната расправа на собраниската Комисија за уставни прашања на тема четвртиот и последен нацрт амандман, и порача на власта дека треба да се обиде да постигне консензус по прашањето на промена на Уставот.

– Владата треба да се заложи во овој период да се постигне национален консензус за ова прашање. Ако некој мисли дека ќе добие политички поени во овој процес многу се лаже. Не треба да се делиме на патриоти и предавници. Треба да најдеме модул и начин во државата да има подобар живот, рече Канческа Милевска.

Реплицирајќи и премиерот Заев рече дека ќе се трудат да има вграденост на опозицијата и власта во, како што рече, еден процес кој значи сервис за граѓаните. и додаде дека за цело време на преговорите со Грција ја информирал опозицијата за се што се случува.

– Добродојден е секој капацитет за да ги дополниме амандманите. Во нив веќе се вградени делови од разговорите со осумте пратеници од опозцијата што ја поддржаа потребата од уставни амандмани за имплемнтација на Договорот од Преспа, рече Заев.

Независната пратеничка Нола Исмајловска Старова посочи дека во Грција е дискутабилно спомнувањето на македонски народ, а тоа, како што кажа, го потврдил и потписникот на Договорот од Преспа, Никос Коѕијас.

– Добро е што со Договорот првпат се прифаќа постоењето македонска нација и македонски јазик од грчка страна. За да гласаме многу е битно да стои дека Договорот ќе биде ништавен доколку Грција не го исполни во целост, рече Исмајловска Старова.

Поврзани новости