Груби до „огнените“: Раката ми останува подадена

by Fokus

Вицепремиерот Артан Груби на собирот во Чаир рече дека е потребно помирување и обединување, а не поделба. Порача дека неговата рака останува подадена, бидејќи, како што посочи „нема ни огорчување, ни лутина“.

– Овде сме вечерва затоа што ни треба помирување и обединување, а не поделба. Раката ми останува подадена, затоа што немам огорченост или лутина, научени сме да бидеме заедно затоа што така ни налага времето и овој е вистинскиот момент. Сите заедно ги трасираме патиштата на ДУИ за интересите на нацијата, а не на поединецот, затоа што ДУИ е на сите, а не на неколкумина. Само слабите се плашат од конкуренција. Ништо не започнало и нема да заврши ниту со мене, ниту со некој друг – рече Груби на митингот во Чаир.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи, пак, во обраќањето на митингот му заблагодари на Али Ахмети за довербата што му ја дал да биде координатор на ДУИ во Чаир.

– Секој жител на Чаир ја почувствувал топлата рака на Али Ахмети, инвестираше во образованието, формирање на кадри кои не прават горди, затоа му благодариме. Активистите од Чаир се лојални на вашите политики, мисии и визионерски политики. Али Ахмети не се грижи за насловите на весниците туку за судбината на Албанците денес и утре – рече Османи.

Посочи дека самото присуство на Ахмети во саботата во Охрид му дало тежина на настанот.

– Али Ахмети ги обединува Албанците, како што ги обедини во 2001 година за потпишување на Охридскиот договор, а сега ги обединува Албанците на фронтот за Европа. Денес луѓето сакаат европски живот, со европски стандарди и добра, со високи плати и супермодерни институции – истакна Османи.

Претседателот на Собранието Талат Џафери од собирот во Чаир порача дека ДУИ не се занимава со муабети, туку ги спроведува итните барања на граѓаните.

– Мисијата што ја презедовме ќе ја извршиме до крај, бидејќи не се занимаваме со клевети и празни зборови, туку реализираме и спроведуваме – рече Џафери.

Вечерашниот митинг во Чаир е прв голем собир на кој се обрати Ахмети, откако двете „завојувани“ страни на ДУИ половина година оддржуваат паралелни собири.

Пред три недели во Чаир митинг одржа и фракцијата во партијата „огнената група“ на кој беа критикувани министрите на ДУИ, а особено Груби.

Судирот во ДУИ се заостри особено откако Ахмети за координатор на чаирскиот огранок го назначи шефот на дипломатијата Бујар Османи, потег кој за „огнените“ е нестатутарен, бидејќи Изет Меџити е претседател на огранокот на Чаир. Тоа го толкуваат како партиска елиминација на „огнените“ и најава за слични чекори и кон другите „непослушни“ координатори.

МИА

Поврзани новости