Фирмата во која сопственички удел има Елена Ковачевска, сопругата на премиерот Димитар Ковачевски, ќе добие државно земјиште по цена од 70 денари за метар квадратен за изградба на планирана фотоволтаична централа. Владината одлука за продажба на 1.119 метри квадратни земјиште во радовишкото село Раклиш ја потпишал првиот вицепремиер Артан Груби на владината седница на 14 март годинава, објави Радио Слободна Европа.
Според објавата во Службен весник Владата донела одлука за продажба на државно земјиште на компанијата „Сол Груп 5“ по пат на непосредна спогодба за дооформување на градежна парцела за која фирмата веќе имала во сопственост 30 проценти. Оваа одлука стапи на сила на 21 март и треба да ја спроведе општината Радовиш. Компанијата имала план да изгради фотоволтаичнa централа со енергетски капацитет од 1,8 мегавати.